
ФОТО | Сопственик на салон за венчаници донира 100 фустани, го затвора бизнисот по 16 години
Сопственикот на популарниот бутик за венчаници „Хју Рис брајдс“ во Ландејло, Велика Британија, реши да го затвори својот бизнис по 16 години работа, но пред тоа донираше речиси 100 венчаници во хуманитарни цели, објави Би-би-си.
Препорачано
Познатиот стилист Хју Рис ја донел оваа одлука поради здравствени проблеми, бидејќи боледува од бубрежна слабост. Тој вели дека иако затворањето на бизнис е тежок момент, сакал да го направи тоа на „позитивен начин“, помагајќи на организации и поединци во потреба.
„Луѓето беа разочарани бидејќи нашата продавница беше многупати наградувана, но оние што знаат зошто ја затвораме ни дадоа огромна поддршка“, изјави Рис.

Голем дел од венчаниците биле донирани на организации како „Истражување на ракот“, британскиот Црвен крст, локални колеџи, но и на добротворна организација за кучиња.
Според менаџерката на продавницата на Црвениот крст во Ландејло, Сара Морис, донацијата предизвикала огромен интерес.
„Телефонот постојано ѕвони со прашања за фустаните, а продавницата е преполна со возбудени клиенти. Средствата од нивната продажба ќе ни помогнат да продолжиме со хуманитарната работа“, рече Морис.

Фустаните, кои обично чинат над 1.000 фунти, биле продавани по симболични цени од 50 до 100 фунти.
Рис додава дека неговиот тим ќе продолжи да работи со невестите кои веќе направиле нарачки, а последната венчавка што ќе ја организираат е во ноември.
Во меѓувреме, тој се посветува на нова кариера – се обучува за церемонијал-мајстор и во иднина планира наместо да дизајнира венчаници, да ги венчава невестите.