
ФОТО: Сообраќаен хаос во Клиничката болница Тетово, пациенти заглавени во возилата
Клиничката болница Тетово која опслужува над 200.000 пациенти од полошкиот регион, долго време мака мачи се тесните коловози и недостигот на паркинг простор во дворот на болницата.
Препорачано
Самите фотографии ја прикажуваат реалната слика.

Редица возила со пациенти кои одат да побараат лекарска помош, а некои во обид да излезат од здравствената установа стојат заглавени.
„Ова што се случува во болницата е катастрофа, бараш лекарска помош, но кога излегуваш од установата од нервозата и стресот сигурно како „подарок“ од болницата добиваш висок притисок. И не само сообраќајниот хаос, тука проблеми има и со лифтовите кои не работаат. Мене не ми се случило, но, лично сум видел како пациенти од горните катови на зградите затоа што не работаат лифтовите ги спуштаат со ќебиња и чаршави“, вели еден пациент кој со своето возило беше блокиран во дворот на болницата.

„Исти проблеми 20 години, најголем проблем е што лифтот не работи, но тоа е проблем не само за пациентите кои лежат во болницата туку и за надворешните пациенти кои бараат помош. Јас имам проблеми со срцето едвај се качив во зградата на интерното одделение“, рече една пациентка.


Министерот за здравство Фатмир Меџити при неодамнешната посета на Клиничката болница Тетово, најави дека установата ќе добие 7 нови лифтови.
„Во оваа установа решаваме еден долгогодишен проблем како што е тој со лифтовите, за таа цел во тек е тендерот за набавка на 5 нови лифтови кои ќе се набават преку Министерството за здравство, а во тек е и постапка за набавка на два нови лифтови кои ќе се набават преку Клиничката болница Тетово, рече Министерот за здравство Фатмир Меџити.
Плумб Вела директор на Клиничката болница Тетово, изјави дека местото на модуларната болница ќе се пренамени во локација за паркинг простор, а Ургентниот центар кој беше свечено пуштен во употреба минатата недела ќе придонесе за подобра здравствена услуга на пациентите од полошко.
„Со новиот Ургентен центар би се подобрила и работата на другите одделенија кои беа пренатрупани со пацинети. Ургентниот центар ќе биде место за третман на пациенти за итни случаи кои досега се третирале во амбулантите на хируршкото и интерното одделение, изјави Плумб Вела директор на Клиничката болница Тетово.
Ургентниот центар беше изграден пред десетина години, но поради недостиг на опрема и кадар не беше функционален, само дел од просториите се користеа за снимање на пациенти со магнентна резонанца и компјутерска томографија.