
ФОТО | Скриена под урнатините: Откриена раскошна фреска во Помпеја стара 2.000 години
Во урнатините на градот Помпеја, Италија откриена е неверојатно раскошна фреска со митолошки мотив – претстава на Фрикс и Хела. Габријел Зактригел, директор на Археолошкиот парк во Помпеја, рече дека ова откритие е шокантна сцена што покажува дека историјата се повторува и денес, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Во оваа сцена, која е делумно оштетена, Хела ја подава раката кон Фрикс по падот од овенот, непосредно пред да се удави во теснецот меѓу Европа и Азија.

„Историјата се повторува. Тоа е прекрасна фреска во одлична состојба. Митот за Фрикс и Хела е многу распространет во Помпеја. Тие се двајца бегалци на море, брат и сестра, кои се принудени да бегаат бидејќи нивната маќеа сакала да се ослободи од нив и тоа го прави преку измама и корупција. Хела паѓа во вода и се дави“, изјавил Зактригел.
На фреската се гледаат живи бои и исклучителен уметнички стил. Хела е прикажана како се дави, со лицето покриено со бранови, додека нејзиниот брат очајнички се обидува да ја зграби и да ја извлече. Според митот, Фрикс не успеал да ја спаси својата сестра, a морето (всушност теснец) во кое се удавила го добило нејзиното име – Хелинско Море или Хелеспонт. Денес тоа се Дарданелите.

Зактригел ја истакна важноста на новите откритија во Помпеја, град кој беше уништен во вулканска ерупција во 79 н.е. Лавата предизвика големи делови од овој град да бидат исклучително добро сочувани и да дадат одличен увид во животот во Стариот Рим. Денес, урнатините на Помпеја се популарна туристичка дестинација што ја посетуваат околу милион луѓе секоја година.