Ѓубре во Аеродром / Фото: Слободен печат

ФОТО | Скопје длабоко „тоне“ во ѓубре – граѓаните нервозни, улиците смрдливи, отпадот несобран

Почетокот на новата седмица на скопјани повторно им започна со контејнери полни ѓубре, ужасна миризба и непроменета практика од страна на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“, која продолжува со нередовното собирање на ѓубрето низ главниот град.

Отпадот се прелива и од големите контејнери, но и од помалите канти за отпадоци во местата каде што претежно преовладуваат куќи, каде според жителите, камионче на „Комунална“ нема пројдено со недели.

 

Мини-депонија на „Пластичарска“ / Фото: „Слободен печат“

Населените места со индивидуално домување, односно куќите низ главниот град, чиј отпад се депонира во индивидуални канти, викендов, а и претходно, по неколку недели „тонат“ во ѓубре и секојдневен отпад, кој се таложи и „прелива“ во кантите, со што паѓа и се растекува по улиците и тротоарите.

Жители на Тафталиџе, Пинтија, 11 Октомври, Припор, Ново Лисиче, Лисиче, Аеродром, Ѓорче Петров, Хром и многу други населби активно, преку социјалните мрежи и преку пораки до редакцијата на „Слободен печат“ бараат чаре за нивниот отпад и се разочарани од работата на комуналното претпријатие.

Ѓубре во Тафталиџе / Фото: Методија Здравев – Слободен печат

Според голем дел од прашаните, до пред неколку месеци, комуналното камионче доаѓало и го собирало ѓубрето од маалата секоја среда и сабота, но наеднаш ситуацијата драстично се влошила бидејќи жителите на повеќе скопски населби ни го кажаа истиот податок – камион на ЈП „Комунална хигиена“ не се појавува со недели, а ѓубрето постојано се прелива по улиците кои тонат во ѓубре и смрдеа.

„Проблемот постои со месеци. Отпадот постојано се собираше во среда и сабота, но таа рутина се промени пред неколку месеци, кога започна нередовното работење на „Комунална“, а ситуацијата е непроменета. Камион за собирање ѓубре немаме видено со недели, чинам повеќе од три, тоа е неприфатливо.

Со соседите сме приморани да го земаме нашиот отпад, да го „товариме“ во автомобил или пеш да го однесеме до некој од поголемите контејнери кои се поставени по главните улици, што е голема обврска“, информира жителка на населбата 11 Октомври во Кисела Вода.

Ѓубре во Аеродром / Фото: Слободен печат

„Дали се чисти населбата или ние сме заборавени“, вели жителка на населбата Црниче која објави фотографија од дури десет контејнери кои се преполни со ѓубре.

Ѓубре во населба Црниче / Фото: Фејсбук

 

Исто така, за овој проблем вчера јавно излезе и се пожали актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој сподели видео во кое ги повика надлежните институции да си ја вршат својата работа и да го решат проблемот со ѓубрето во општината.

„Ова што се прави деновиве со ѓубрето низ Карпош е најпростачкиот начин за пресметка со граѓаните. Наместо институциите да си ја вршат својата работа – ни прават саботажа. Граѓаните на Карпош не заслужуваат да им смрди отпад под носот, ниту пред колективни згради, ниту пред нивните куќи“, се вели во објавата на Јакимовски.

По Јакимовски, утринава во живо од терен се вклучи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој информираше дека општинските хигиеничари се излезени на терен и го собираат отпадот од центарските улици, обврска која, како што вели, „Комунална хигиена-Скопје“. Тој упати апел до комуналното претпријатие да започне со редовно собирање на отпадот.

 

Ѓубре во Центар / Фото: Принтскрин

 

„Еве вака „Комунална хигиена“ си ја извршува својата работа. Како и изминативе неколку години, така и ова понеделничко утро центарци се будат со ѓубре, целата општина е со смет. Нашите 120 хигиеничари се постојано на терен и ја завршуваат работата и обврската за која центарци плаќаат на ЈП „Комунална Хигиена-Скопје“. Верувам дека после волку многу апели, тие ќе се свестат и повеќе нема да го имаме овој смет по улиците во Центар“, рече Герасимовски.

Од „Комунална“, прашани за проблемот со нередовното и донекаде селективно собирање отпад низ главниот град, секогаш одговарале дека ѓубрето се собира постојано, редовно и навреме, но граѓаните и фотографиите велат поинаку.

Проблемот се провлекува со месеци, секој во секого вперува прст за тоа кој е виновен, а кој не, под чија надлежност е отпадот и слично, но Скопје полека но сигурно ја губи битката со „планините“ отпад кои сè повеќе го уништуваат изгледот на главниот град, ги узурпираат тротоарите и велосипедските патеки и ги уништуваат зелените површини.

Ѓубре во Аеродром / Фото: Слободен печат
Ѓубре во Аеродром / Фото: Слободен печат
Ѓубре во Ѓорче Петров / Фото: Слободен печат
Ѓубре во Хром / Фото: „Слободен печат“
Ѓубре во Ѓорче Петров / Фото: „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот