
ФОТО Скандал на Бит-пазар: Пред аптеката фрлил 228 пенкала инсулин со поминат рок
Дијабетичарите и вработените во инсулинската аптека на поликлиниката Бит Пазар се вознемирени откако утринава на работа ги дочекал скандал. Вкупно 228 инсулински пенкала од брендовите „Фиасп“ и „Лантус“ со поминат рок, утринава биле оставени пред вратата на инсулинската аптека на Бит Пазар која е во склоп на Здравствениот дом, дознава „Слободен печат“.
Препорачано
Информацијата ја проверивме и ни ја потврди шефицата на депото Славица Јуруковска. Според нејзините проценки базирани на пазарните цени, (едно пенкало чини во просек околу 600 денари), ова е загуба и злоупотреба од 136 илјади денари кои се фрлени во вода.
Исклучително голем е бројот на дилеми како овој инсулин завршувал само кај еден човек кој всушност не се лекувал. Можно е и инсулинските пенкала да се собрани од повеќе пациенти, но постапката пенкалата да бидат оставени пред вратата на таков начин, е шокантна.

Инсулинските пенкала не биле дадени на друг дијабетичар, не само зашто им бил истечен рокот, туку и зашто протоколот на инсулинската аптека налага веќе доделено инсулинско пенкало, дури и да биде вратено – да се расходи на крајот од годината.
Причината, како што објаснува Јуруковска која е фармацевтка, е во тоа што инсулинската аптека доделува само инсулини за кои е сигурна дека биле чувани и одржувани во ладниот ланец.
-Утринава техничарот во аптеката на Бит Пазар ми пријави дека некој пред вратата, на влезот оставил две големи ќеси полни со пенкала неискористени инсулини „Лантус“ и „Фиасп“ со поминат рок.
Тоа е премногу големо количество. Сега овие 228 пенкала не само што не може да се искористат, туку и не знаеме кој е овој пациент. Немаме камери, не знаеме кој е пациентот.
Дополнително, секогаш кога некој ќе врати инсулинско пенкало дури и да е со добар рок на траење, сепак и тоа пенкало се расходува и не се користи, зашто не можеме да бидеме сигурни дали бил запазен ладниот ланец од пациентот што го враќа, изјави Јуруковска.
Таа додава дека Здравствен Дом Скопје е оштетуван од несовесни постапки на некои од пациентите, бидејќи кога тие ги враќаат неискористени овие инсулини, истите се чуваат до крајот на годината – тие се уништуваат на Дрисла со пари кои ги дава Здравствен Дом.
Таа не планира да го пријави случајот во Јавното Обвинителство затоа што на местото каде што биле оставени ќесите со 228 пенкала неискористен инсулин со истечен рок, нема ниту камери, ниту пак на пенкалата го пишува името на пациентот или било која ознака што би можела да го идентификува. Така случајот ќе остане голема мистерија и ќе ги отвори прашањата во чии раце завршуваат овие инсулински пенкала.
Диме Велев од Сојузот на здруженија на дијабетичари, за „Слободен печат“ го изразува својот револт и како дијабетичар и како претседател на Сојузот.
-Дијабетичар со тип 1, добива месечно десетина вакви пенкала, а оние со тип 2, околу пет пенкала.
Замислете колку неискористени месеци се ова и колку неодговорно и криминално е ова поведение, да се фрла вака нешто што некому живот му значи, изјави Велев за „Слободен печат“.