
ФОТО: Сиљановска Давкова на маса со Макрон и Стармер на прием кај данскиот крал
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера присуствувала на прием организиран од кралот на Данска, Фредерик Десетти и кралицата Мери Елизабет, во пресрет на седмиот состанок на Европската политичка заедница во Копенхаген, каде што шефицата на државата ќе земе свое учество.
Препорачано

На приемот, како што пишува Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук, имала прилика да поразговара со францускиот претседател Емануел Макрон, со бугарскиот премиер Росен Жељасков, со британскиот премиер Кир Стармер, со претседателот на Литванија и со премиерите на Финска и на Малта, за што изрази задоволство.

На фотографиите кои ги објави претседателката се гледа дека таа на приемот била на иста маса со Макрон и со Стармер.

„Ветувачки почеток во пријателска атмосфера и плоден разговор пред утрешните дискусии на коишто ќе ги претставам македонските позиции, согласно со нашите национални интереси“, напиша претседателката во објавата на Фејсбук.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на седмиот состанок на Европската политичка заедница каде што ќе се обрати на панел-дискусијата „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со која ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
На состанокот во Копенхаген се поканети 47 шефови на држави и влади. Клучни теми ќе бидат војната во Украина и потребните чекори за посилна и побезбедна Европа во амбиент на конфликтна геополитичка ситуација.