Фото: Инстаграм/Ела МекГиверн

ФОТО | Романтичен гест: Момче ја запроси девојката со цитат сокриен во нејзината омилена книга

Во еден навистина уникатен љубовен гест, 25-годишниот Кристијан Кинан ја запроси својата девојка, 23-годишната Ела МекГиверн, со цитат сокриен во нејзината омилена книга, пишува „Пипл“.

На почетокот од нивната врска, Ела му рекла на Кристијан, повеќе во шега отколку сериозно, дека ќе мора да ги прочита нејзините омилени книги пред да се верат. Кристијан го запомнил ова и кон крајот на 2024 година започнал да го чита „Шест врани“ („Six of Crows“), фантастичен роман од Ли Бардуго, кој ѝ бил омилен на Ела.

Додека го читал, наишол на цитат што совршено ги отсликувал неговите чувства кон неа. Токму тие редови ги подвлекол со розова боја, планирајќи да ги искористи во моментот кога ќе го постави судбоносното прашање.

„Како успеа да го најде токму мојот омилен цитат во мојата омилена книга?“, раскажува МекГиверн.

Цитатот што Кристијан го избрал гласи: „Многу момчиња ќе ти донесат цвеќе. Но, еден ден ќе запознаеш момче кое ќе научи кој е твојот омилен цвет, твојата омилена песна, твојата омилена бонбона. И дури и ако е премногу сиромашен за да ти ги подари, тоа нема да има значење, бидејќи тој си одвоил време да те запознае како што никој друг не го направил тоа. Само тоа момче го заслужува твоето срце“.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Ѕвездите сведоци на најубавиот момент

Ела не се сомневала дека запросувањето ќе се случи наскоро, бидејќи таа и Кристијан планирале патување во Банф, Канада, како мало задоцнето славење на Денот на вљубените. Но, сепак не знаела што точно ја чека.

На 20 февруари, по романтична вечера, Кристијан ја повел на прошетка под ѕвездите. Ова било посебно значајно за нив, бидејќи нивниот прв состанок бил долга, осумчасовна прошетка.

„Ѕвездите светеа на небото, а планините нè опкружуваа. Светилките на хотелот ги осветлуваа дрвјата, создавајќи зимска бајка. Немаше жива душа наоколу“, раскажува Ела.

Во еден момент, Кристијан ја запрел, ѝ ја ставил книгата „Шест врани“ во рацете и ја замолил да ја отвори на страница 136.

„Кога ја свртев страницата и го видов подвлечениот цитат, веднаш почувствував нешто. Додека го читав, солзите почнаа да ми течат по лицето“, вели таа.

Покрај цитатот биле нацртани срце и едно прашање: „Ќе се омажиш ли за мене?“.

Кога ја спуштила книгата, Кристијан веќе бил на едно колено, држејќи го прстенот во рацете.

„Не можев да поверувам што се случува. Го прегрнав пред да успее да каже нешто, солзи ми течеа, повторував ‘да’ милион пати, додека тој се смееше и нè крена во воздухот“.

Фото: Инстаграм/Ела МекГиверн

Љубов што не се мери со материјални работи

За Ела, цитатот има посебно значење, бидејќи совршено ја доловува љубовта што ја дели со Кристијан.

„И двајцата сме студенти и работиме напорно за нашата иднина, но засега не можеме да си дозволиме луксузни подароци. Но, тоа не е важно, затоа што тој ме познава подобро од кој било друг. Ги забележува сите мали детали и ги користи за да ми покаже колку ме сака“, вели таа.

Ела ја има прочитано „Шест врани“ десет пати во последните шест години, а книгата има посебна емотивна вредност бидејќи ја добила како подарок од својата покојна баба.

Освен што е љубител на литературата, таа и самата работи на својот прв роман, кој треба да биде објавен подоцна оваа година.

„Секогаш кога се сомневам во себе, Кристијан е тука да ме потсети дека можам да направам сè што ќе замислам,“ додава таа.

„Тој ми значи сè и навистина е момчето што го заслужи моето срце“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот