Илустрација/Фото: Ziva & Amir Flickr

ФОТО | Ретка бубамара забележана за првпат во Велика Британија

„Нов“ вид бубамара е забележан за првпат во Велика Британија по топлото летно време.

Професорот Расел Вин, директор на организацијата „Дива нова шума“, рекол дека малите бубамари биле пронајдени во стапици за молци низ Новата шума, но дека „немало потврдени британски наоди пред овој бран“, пишува Би-би-си.

– Тие обично живеат во Франција и континентална Европа, но сега го преминале Ламанш и се населиле во Саутемптон и Новата шума – рекол професорот Вин.

Тој додал дека сега инвентарот на видови во Велика Британија ќе ги признае како нови во Велика Британија.

Вин, кој е и претседател на Форумот за биодиверзитет во Новата шума, рекол дека топлото време оваа година било тешко за некои мочуришни животни, но дека „за многу инсекти, вклучувајќи ги и бубамарите, ова била добра година“.

Тој истакнал дека тоа е еден од многуте видови крилести инсекти кои го колонизирале југот на Англија поради зголемувањето на температурите.

– Постојат многу докази дека молците и пеперутките се селат на север и постепено колонизираат – рекол Вин.

Бубамарата со 13 точки се вратила во Новата шума благодарение на проектите за обновување на видовите.

Новата шума е дом на древни шуми, тресетишта, вриштини и мочуришта, што ја прави разновидно живеалиште.

– Квалитетот на живеалиштата во Новата шума и работата што ја вложуваме во нивното ширење и обновување нè прави поволно место за видовите што го преминуваат каналот и бараат соодветно живеалиште за колонизација – рекол професор Вин.

Дивата Нова Шума е една од групите вклучени во Фондот за преживување на видовите (ССФ), во рамките на кој се работи на околу 24 локации во националниот парк за зачувување на природата.

Професорот Вин рекол дека по еколошкото истражување на еден локалитет, пронашол бубамара со 13 точки за првпат по 20 години.

– На национално ниво е доста ретка и добро е повторно да се регистрира во Новата шума, особено таму каде што ќе работиме на создавање нови мочуришта за населување. Иднината на видот изгледа добро бидејќи следната година таму ќе има убав комплекс од мали езерца – рекол тој.

Покрај тоа, во сувите делови на шумата е видена и Hippodamia variegata, позната како бубамара Адонис.

– Се наоѓаме во период на промени кога станува збор за нашиот биодиверзитет поради климатските промени. Ако можеме да обезбедиме дом за видови кои природно колонизираат и се селат на север, мислам дека тоа е позитивно, бидејќи токму тоа се видовите што ќе напредуваат во наредните децении додека температурите продолжуваат да растат – рекол Вин.

Тој сака да ги поттикне луѓето да ги прифатат новите видови и да поминуваат повеќе време во шума, обрнувајќи внимание на приближно 20.000 видови животни, растенија и габи што постојат таму.

– Ако го направите тоа, ќе бидете наградени со некои од овие мали бисери. Видовите што пристигнуваат сега веројатно ќе бидат доминантни во наредните децении и векови, па затоа треба да ги дочекаме со добредојде, бидејќи тие ќе го одржуваат нашиот биодиверзитет и ќе обезбедат дека и за 100 години ќе имаме див свет што ќе можеме да го набљудуваме – рекол тој.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот