
ФОТО | „Планина“ од стар мебел речиси еден месец го блокира тротоарот во Припор
Жителите на населбата велат дека кабастиот отпад треба почесто да се собира, а не еднаш месечно и дека се потребни повеќе локации каде што ќе можат да го оставаат, за да не се создаваат огромни диви депонии како оваа во Припор.
Во Општина Кисела Вода овие месеци е во тек голема акција за собирање кабаст отпад за кој жителите немаат начин како да се ослободат и прописно да го депонираат.
Препорачано
Во акцијата се точно одредени локациите каде жителите ќе можат да го оставаат кабастиот отпад, а една од нив е тротоарот до месната заедница во населба Припор, веднаш до ширинката на познатата постојка „последна 24-ка“, каде што речиси еден месец се „таложат“ двоседи, троседи, влезни врати, фотелји, кои целосно го блокираат тротоарот покрај главната улица Христо Татарчев, која минува низ населбата и продолжува нагоре кон Сопиште.
– Глетката е ужасна, јас живеам педесетина метри погоре и секој ден поминувам покрај ова наталожено ѓубре. Ни кажаа дека Општината организира акција за овој тип отпад, но начинот на спроведување на акцијата е нелогичен. Постојано се паркираат автомобили којзнае од каде и оставаат секакви ѓубришта, а последните дождови на оваа „планина“ ѝ додадоа еден навистина непријатен мирис – вели жител од населбата Припор за „Слободен печат“.

Нашата редакција доби фотографии од жители на населбата каде што може да се забележи количината на собран отпад, оставен веднаш до месната заедница на тротоарот, кој е блокиран и исполнет со мебел од различен тип, врати, прозори и останат кабаст отпад.
Општината ја најави акцијата во февруари годинава, предвидено е да трае до крајот на април, а собирањето на куповите отпад се одвива еднаш месечно од 15-ти до 20-ти секој месец.
Жителите на Припор сметаат дека во иднина треба да се промени концептот на оваа акција, која според нив има убава идеја, но лоша реализација.
– Како може една огромна општина како Кисела Вода да остави две локации каде што илјадници можат да го исфрлат целиот непотребен мебел. Акцијата е добра, но мора нешто да сменат во начинот на кој се собира ова ѓубре. Пожелно е да се отворат повеќе локации каде граѓаните можат да го остават отпадот или пак, наместо еднаш месечно, ѓубрето да се собира неколкупати во текот на месецот. Не е фер за нас жителите на Припор постојано да го гледаме ова ѓубре, кое од ден на ден се зголемува – апелира жител кој живее над месната заедница и се буди со поглед на ѓубриште.
Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, оваа акција е од огромно значење и клучна за зачувување на животната средина, борбата против загадувањето и создавањето на диви депонии.
– Општина Кисела Вода посветено работи на зачувување на животната средина и унапредување на условите за живот на нашите граѓани. Со оваа акција им даваме можност на жителите да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут и друг кабаст отпад на легален и организиран начин. Со поставување определени локации за одложување, спречуваме создавање диви депонии и непотребно загадување на околината. Дополнително, нашите екипи ќе вршат редовни контроли за да обезбедат правилно почитување на акцијата – изјави Ѓорѓиевски пред почетокот на акцијата.

Жителите се гневни поради количината на ѓубре во нивната населба и сметаат дека идејата на Општината да се ослободи од дивите депонии со давање само една локација за депонирање на кабастиот отпад во населбата Припор е причината за создавање нова голема дива депонија.