
ФОТО | Откриени мистериозни промени на планетата Нептун
Астрономите од Универзитетот во Лестер откриле мистериозни промени во температурата на ледениот џин Нептун, најоддалечената планета на Сончевиот систем, објави „Sky News“.
Препорачано
Врз основа на 17-годишните набљудувања на атмосферските температури на планетата, астрономите воочиле неочекуван пад на глобалните температури, проследен со драматично затоплување на нејзиниот Јужен Пол.

Термалните инфрацрвени снимки, направени меѓу 2003 и 2018 година, покажале дека глобалната просечна температура се намалила за 8°C, а температурата на Јужниот пол се зголемила за 11°C.
„Оваа промена е неочекувана“, изјавил главниот автор на студијата, објавена во „Planetary Science Journal“, д-р Мајкл Роман.

Планетата Нептун има 17 пати поголема маса од Земјата, но поради своето растојание од Сонцето, својата орбита ја прави во просек на секои 165 години, а годишните времиња на оваа планета траат по четири децении.
„Тоа се податоци за помалку од половина сезона, така што никој не очекуваше толку големи и брзи промени“, рече планетарниот научник Глен Ортон од институтот „Jet Propulsion Laboratory“.

Засега, причината за оваа промена во температурите е сѐ уште непозната.
„Температурните варијации можеби се поврзани со сезонските промени во атмосферската хемија на Нептун. Но, оваа промена може да се должи и на 11-годишната промена во активноста на Сонцето“, објаснува д-р Роман.
И претходно било воочено дека сончевиот циклус, кој претставува 11-годишна промена во активноста на Сонцето, вклучувајќи ги промените во нивоата на сончевото зрачење и исфрлањето на сончевата материја, влијае врз видливата светлина на Нептун.