Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

ФОТО | Оштетени споменици, расипани фонтани и вечен оган што не гори во паркот „Жена борец“

Градскиот парк „Жена – борец“ во центарот на Скопје и покрај тоа што е една од најатрактивните локации за „окото“ на туристите и на домашните граѓани, симбол на слободата, жените борци низ македонската историја и револуционерската НОБ, е оставено на забот на времето со пречкртани и демолирани споменици, расфрлано ѓубре и нередовно одржување, а неодамна беше оштетен и споменикот на децата бегалци.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Оваа зелена површина, која е вистинска реткост во бетонската градежна џунгла во центарот на Скопје, денес е тотално запуштена и оставена. Само во последните неколку месеци сме сведоци како на оваа локација се превртуваат и се кршат клупи, корпи за отпадоци и се расфрла ѓубре насекаде од неодговорните граѓани.

Споменикот „Паднати херои на Македонија“ е најголемиот споменик во овој парк и една од работите што овој монумент го прави навистина уникатен и впечатлив е платформата каде што е сместен симболот на вечен оган. За жал, вечниот оган во овој парк веќе со години не гори, местото е нечисто, а стаклените ѕидови кои се монтирани околу него се валкани и оштетени. Веднаш до него е фонтаната, која наместо да работи, веќе долго време собира ѓубре и отпадоци кои надлежните ги собираат „кампањски“, само кога ќе се насобере поголема количина, наместо редовно.

Пред една недела, како што е веќе познато, целосно е вандализиран и споменикот на децата бегалци, споменик кој веќе втор пат доживува вакво оштетување, претходно во октомври 2019 година. Од споменикот, кој е подигнат во спомен на страдањето на Македонците кои биле протерани од Егејска Македонија во периодот на граѓанска војна од 1946 до 1949 година се откорнати и украдени бронзениот релјеф, дел од металните бронзени букви и металните цевки кои беа составен дел од фонтаната околу постаментот.

Споменик на Децата бегалци - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Споменик на Децата бегалци – Фото Слободен печат / Методи Здравев

– Ова е жален и вандалски чин врз споменикот на децата бегалци, кој е поставен тука уште во 1988 година. Овој споменик е симбол на една голгота, на откорнати деца од родните огништа. Апелираме во МВР и до министерот Панче Тошковски да ги преземат сите потребни мерки и да се најде сторителот – вели Евгенија Николовска, претседателка на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

Поради зголемениот број вакви деструктивни постапки во сите овие урбани средини, ЗЕЛС ја прифати иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, преку која се предлага малолетниците што вандализираат и оштетуваат јавни површини, да бидат казнувани со вршење општокорисна работа. Иницијативата беше едногласно усвоена од ЗЕЛС.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

– Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители – истакна тогаш градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Оваа иницијативата предвидува измени во неколку закони и доколку стане дел од некое законско решение, се очекува да влијае позитивно врз однесувањето, пред сѐ на младите луѓе. Се очекува исто така да се намали вандализирањето на сите јавни површини, паркови и урбани средини, но сепак не се решава проблемот со казнувањето на извршителите за веќе направената штета. За тоа досега не помогнаа ниту апелите ниту постојаните обновувања на реквизитите за да се спречи оштетувањето на урбаната опрема низ градот.

 

Фото: „Слободен печат“

Советникот во Советот на Општина Центар, пак, Ненад Матевски, токму поради зачестените кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило предложи Иницијатива до Советот за формирање чуварска служба како нов сектор во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, чија главна цел би била заштитата на јавното добро во општината.

– Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постојниот недостиг на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро – вели Матевски во образложението на Иницијативата.

Паднато дрво во паркот „Жена борец“/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Во предлогот до Советот се објаснува дека чуварите би вршеле надзор и заштита на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, но и за зелените површини и растенијата. Службата би била постојано мобилна на терен, а доколку забележи некои незаконски дејства, веднаш би го информирала општинскиот инспектор и МВР.

Доколку Советот ја прифати Иницијативата, тоа би значело голем чекор кон постигнување некаков ред во заштита на урбаната опрема и реквизити.

Фото: „Слободен печат“

Чуварска служба е потребна и во паркот „Жена борец“, која би помогнала во намалувањето на уништување на спомениците, кршењето на клупите и донекаде ќе се воведе ред и ќе се регулира несовесното фрлање ѓубре по зелената површина.

Но, без оглед на граѓанската неодговорност, овој парк е во надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ од каде што неколкупати „Слободен печат“ не доби одговор на поставените прашања зошто нема редовно одржување и чистење на спомениците, на зелената површина и реставрација на градбите исчкртани со недолични содржини и графити.

Фото: „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот