Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

ФОТО: Новите православните гробишта кај тетовско Фалише како запуштена ливада, неоградени и без никакво обележје

Ливада обрасната со трева и трње. Ваква е сликата на новитe православни гробишта кај тетовско Фалише. Со децении градските власти ветуваат дека ќе го уредат местото, но на терен нема сериозни активности.

Местото не е оградено, а нема ниту никакво христијанско обележје или пак некаков затворен објект. Кучиња скитници и други животни слободно влегуваат, правејќи неред околу вечните почивалишта на тетовци.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Ова место не е достојно за почивалиште. Ниту за живите ниту за мртвите градската власт не е заинтересирана. За ова да се уреди не треба многу финансии, но очигледно немаат волја. Само една дренажа да се направи на земјата треба, хортикултурно да се уреди и една ограда да се стави како што треба, но мора да има и затворен објект, за да можеме каде да влеземе некаде ако заврне. Секоја нова локална власт ветува дека ќе го уреди просторот, но, тој како што гледате е во многу лоша состојба. Во Тетово немаат мир што се вели ниту живите, ниту мртвите“, изјави една тетовка.

Од Секторот православни гробишта при ЈКП Тетово, велат дека во рамки на нивните финансиски можности се грижат за местото, но општината е таа која треба да одвои средства од буџетот, за да се уреди целата локација.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Од Советот на Општина Тетово, велат дека веќе се одвоени 2 милиони денари за уредување на просторот на православните гробишта и оваа пролет ќе се започне со активности на терен.

„Минатата година ние напорно работевме да решиме еден голем проблем за граѓаните на Тетово, а тоа е пуштањето во употреба на капелата, тој објект сега функционира и сега еден голем проблем е решен. Оваа година од буџетот на општината се предвидени 2 милиони денари и со тие пари планираме да го уредиме просторот на православните гробишта кај Фалише. Да изградиме санитарен чвор, помошен објект, а со помош на ЈКП Тетово ќе го уредиме просторот и ќе ја санираме оградата, но ќе работиме и на хортикултурно уредување на просторот“, рече Ангел Карапетров советник во советот на Општина Тетово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Локацијата кај тетовско Фалише за нови градски православни гробишта беше избрана уште во 2007 година, поради недостиг на слободни гробни места на старите градски гробишта во Тетово. Според првичниот проект кој е реализиран само на хартија, местото е предвидено за 2600 гробни места, а досега на локацијата се погребани стотина граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот