
ФОТО | Неверојатно откритие во Кипар: Пронајдени кралски тип на гробници од бронзено време
За време на ископувањето на археолошки локалитет од бронзеното време на Кипар, тим научници од Шведска открија две гробници за кои се сомневаат дека припаѓаат на типот на кралските гробници, пишува српски „Нешнл џиографик“ („National geographic“).
Препорачано
Ископувањата на кипарското место „Хал Султан Теке“, предводени од Петер Фишер од Универзитетот во Гетеборг, изнесоа на виделина група гробници за кои се сомнева дека се кралски гробници.

Овие гробници се состојат од неколку подземни комори со димензии 4метри на 5 метри, до кои се стигнува преку тесен премин. Вредните гробни артефакти во нив, сугерираат дека сопствениците најверојатно биле владетели на населбата која била главен трговски центар помеѓу 1500 и 1300 г.п.н.е.. т.е. за време на бронзеното време.

Тимот на археолози спроведува истражувања на Кипар, уште од 2010 година и успеале да лоцираат неколку десетици гробници со исклучително вреден гробен материјал. Но, суштинската разлика помеѓу новооткриените и оние од порано е големиот број луксузни предмети.
„Најдовме повеќе од 500 целосни предмети распоредени во две гробници. Многу од артефактите се состојат од висококвалитетни благородни метали, скапоцени камења, слонова коска и керамика“, објаснил Питер Фишер.
Најновите гробници се откриени со помош на магнетометри, еден вид инструмент кој „создава“ слики на предмети и структури закопани до 2 метри длабочина.
Археолозите сметаат дека околу половина од предметите се увезени од соседните региони. Златото и слонова коска дошле од Египет, скапоцените камења како лапис лазули, карнелијан и тиркиз биле увезени од Авганистан, Индија или Синај, додека килибарните предмети пристигнале од Балтикот.

Меѓу скелетните остатоци се издвојуваат оние кои припаѓаат на жена опкружена со голем број керамички предмети, накит и тркалезно бронзено огледало. До неа било положено едно момче од околу една година, закопано заедно со керамичка играчка.

Во врска со орнаментите и накитот, археологот Фишер објаснува дека неколку индивидуи – и мажи и жени – носеле дијадеми и ѓердани од највисок квалитет, веројатно направени во Египет за време на 18-та династија и владеењето на фараонот Ехнатон. Дијадемите се украсени со релјефни слики на бикови, газели, лавови и цвеќиња.
Гробните предмети вклучувале и разновидни бронзени оружја, од кои некои имале делови од слонова коска или хематит во злато со приказ на богови и владетели.