фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ФОТО | Марјан Илиевски е нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација

Денеска официјално на прес-конференција беше претставен новиот селектор на машката кошаркарска сениорска репрезентација на Македонија и неговиот стручен тим. На овој собир учество земаа и раководните луѓе на федерацијата, претседателот Томе Главчев, потпретседателот Младен Ѓуроски, и генералниот секретар Томче Стојчевски.

Како што потврди Главчев во своето излагање, дека нов селектор на сениорската репрезентација е Марјан Илиевски. Станува збор за поранешен тренер на Пелистер, Приштина, Блокотехна, Кожув и Лирија. Во тимот на селекторот се искусни имиња, професорот по кошарка на Факултетот за спорт, Борче Даскаловски, потоа Бобан Митев и некогашниот член на стручниот штаб на Бурса, Мирко Петревски.

– Очекувањата морат да бидат реални, таа макотрпна работа пред нас заедно со Илиевски и неговиот тим и со ваша поддршка да тргнат работите од мртва точка кон посакуваниот правец – изјави Главчев.

Првиот официјален натпревар за него и за неговите соработници, меѓу кои се поранешниот тренер на МЗТ Скопје Аеродром и помошник во повеќе европски гиганти, Боби Митев, Борче Даскаловски, некогашен предводник на Карпош Соколи и на МЗТ Скопје Уни Банка, скопски Вардар, и Мирко Петрески, кој во минатото беше селектор на младинската селекција, а изминативе години беше помошник во турскиот тим Бурса, ќе биде на големиот национален празник – Илинден.

Нашиот национален тим ова лето ќе биде дел од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2027 година. Македонија е дел од групата „Б“, во која се и репрезентациите на Романија и Унгарија.

Во текот на месец август, нашите најдобри кошаркари ќе одиграат четири натпревари во претквалификациите. Два од нив на домашен терен, на 2 август против Романија, и на 20 август против селекцијата на Унгарија.

Двете најдобри селекции од групата ќе обезбедат место во квалификацискиот систем додека последнопласираниот тим ќе падне уште подолу, па ќе мора да игра во првиот претквалификациски круг за место на Европското Првенство во 2029 година.

–   Наше е како раководството да ја продолжиме работата што следува. Благодарност до федерацијата, на моите стручни работници кои верувам безрезервно ќе ја дадат поддршката во проектот. Неблагодарно е да се коментира сега за состојбата во македонската кошарка, сето она што го очекувам и клубовите кои треба да бидат фактор да бидат вклучени, да извршат влијание бидејќи тоа е интерес во сите. Тој заеднички колектив да се подобри за доброто на македонската кошарка. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција.

Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите – изјави Илиевски.

Договорот на Илиевски со федерацијата е четиригодишен циклус, една од целите ќе биде подмладување на целата репрезентација. Ќе следува и сериозна работа со помладите репрезентативни категории, за развивање на младите таленти кои сонуваат еден ден да бидат дел од А селекцијата.

Куманово ќе биде домаќин на следните натпревари на А репрезентацијата на Македонија за претквалификациските натпревари.

Подготовките на нашите најдобри кошаркари ќе почнат во спортската сала Кале во Скопје, според најавите на 10 јули. Закажани се два пријателски мечеви против Швајцарија пред дуелот со Романија.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот