Исечени дрвја во Градски парки/ Фото: Слободен печат

ФОТО | Градскиот парк како пилана, купишта исечени дрвја и гранки лежат низ тревите

Дрвјата, како што може да се види, се со сосема исушени корења, што не е за изненадување затоа што речиси сите површини во паркот што треба да се зелени се исушени и пожолтени, а земјата изгледа како многу одамна да не впила ниту капка вода.

Скопјани што во изминатиов викенд прошетаа низ Градскиот парк имаа можност да се уверат дека во моментов во паркот се спроведува масовно сечење на дрвја. Исечени гранки и трупци од стебла лежат по тревите низ паркот, оставени така на купишта што покажува дека сечата на дрва се спроведува деновиве или, пак, на екипите на „Паркови и зеленило“ не им се брза да ги расчистат.

Дали станува збор за дрвја обележени за сечење или не, не може да се забележи на исечените делови, но очигледно е дека во наредниот период ќе се сечат и некои од дрвјата обележени само за кастрење на гранките. Неколку такви се потпираат на дрвјата во нивна непосредна близина, опасно навалени и откорнати од земја, веројатно како последица на силниот ветар кој минатата недела го зафати Скопје.

Откорнати дрвја во Градски парк/ Фото: Слобоџден печат

Дрвјата, како што може да се види, се со сосема исушени корења, што не е за изненадување затоа што речиси сите површини во паркот што треба да се зелени се исушени и пожолтени, а земјата изгледа како многу одамна да не впила ниту капка вода.

 Ужасно е запуштен паркот, ужасно. Сѐ е исушено и покрај тоа што, колку што ми е познато, паркот се наводнува со техничка вода, а не со пивка што требаше да се штеди летово. Зошто тогаш не наводнувале? Гревота е ова што се случува. Земјата е толку сува што стеблата сами ќе почнат да паѓаат. Настрана што паркот наликува на пилана, на сите страни исечени стебла, гранки. Хаос невиден – вели граѓанин со кој поразговаравме во Градскиот парк.

Исечени дрвја во Градски парк/ Фото: Слободен печат

Од ЈП „Паркови и зеленило“ не одговараат колку дрвја се исечени во паркот и зошто се оставени несобрани, во купови на тревите, ниту дали е оваа сеча во рамките на тие повеќе од стотина дрвја што беа обележени и требаше да се исечат или за овие се издадени нови решенија од Град Скопје. Не одговараат ниту зошто е целиот парк жолт и исушен и зошто не се наводнува редовно.

Старите и оштетени дрвја опасни за граѓаните, само во Градски парк треба да се сечат околу 120

На 16 април годинава Град Скопје донесе решение со кое се одобрува сечење на 113 и кастрење на 303 дрвја во вториот дел на Градскиот парк на просторот кај кафе „Централ парк“ гранично со водените канали, до пешачката патека на корито на Вардар и пешачката патека покрај Луна паркот и дискотеките. На овој простор, според решението, треба да се исечат 23 јавори, 20 багреми, 16 гледичи, 11 јасени, 11 бор, 5 тополи, 4 туји, 4 каталпи, 3 колреутерии, 3 брези, 3 цреши, 3 костени, 2 липи, 2 кисели дрвја, кедар, орев и слива.

Исечени гранки и дрвја во Градски парк/ Фото: Слободен печат

Притоа, ЈП „Паркови и зеленило“ мора да изврши компензациско садење на 303 дрвја постари од 6 години, на иста парцела каде што е извршено сечењето, а ако тоа не е можно, во пречник од 500 метри од местото на исеченото стебло, на сопствена или туѓа парцела, со писмена согласност на сопственикот на парцелата.

Информацијата дека ќе се сечат дрвја пролетва сериозно ја вознемири јавноста, затоа што Градскиот парк е единствената поголема парковска површина во „бетонизираното“ Скопје, каде граѓаните можат да прошетаат и да се рекреираат.

Исечени дрвја во Градски парк/Фото: Слободен печат

Граѓанските иницијативи загрижени за животната средина, советници и граѓани заедно со стручни лица направија обиколка во паркот за да се уверат дали навистина станува збор за суви, шупливи и заболени дрвја кои е неопходно да се исечат.

Во текот на обиколката внимателно беше разгледувано секое од обележените дрвја, а професорот од Шумарскиот факултет Јане Ацевски и претставници од ЈП „Паркови и зеленило“ образложуваа во каква состојба е секое од нив и одговараа на многубројните прашања на граѓаните. Професорот им покажуваше на присутните какви се шупливи дрвјата однатре, укажувајќи дека станува збор за дрвја тешки и по неколку тона што би можеле да бидат сериозно опасни доколку паднат.

Ако навремено пред 30 години се преземело стручно одржување, со кастрење, со заштити, немало да се доведат во ваква состојба. Но, една работа мора да научите, сѐ што ќе се роди, мора и да умре. Ова дрво има век. Целта на подигањето паркови не е да се насадат видови што ќе траат по илјада години, туку видови што ќе бидат во функција на човекот, пред сѐ на урбаната средина. Паркот како средина сфатете го како урбана шума, не природна шума. Урбана шума приспособена на потребите на човекот. Овој парк е така подигнат, за потребите на човекот, да дојде, да се рекреира – рече тогаш професорот Ацевски.

Нечисти канали во Градски парк/ Фото: Слободен печат

Веројатно грижата за дрвјата во паркот требала да биде континуирана, но од она што се гледа таму, не само пред 30, не пред 20, туку и сега не се води никаква грижа. И ако за зелените и исушени површини и дрвја некакво оправдување надлежните можат да бараат во долготрајниот сушен период, какво оправдување имаат за нечистите езерца и канали во паркот? По нив пловат алги, суви гранки и растат трски низ каналите, а сето тоа на високите надворешни температури многу непријатно мириса.

Жално е и срамота Градскиот парк да пропадне од негрижа, која како што им е познато на сите граѓани, стана „заштитен знак“ на целокупното функционирање на Скопје – и во однос на хигиена, превоз, сообраќајна и урбана инфраструктура и слично.

ВИДЕО | Граѓаните и активистите во одбрана на дрвјата во Градски парк: Се „спасија“ дел од 113-те обележени за сечење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот