
ФОТО: Голем успех за младите програмери од Македонија: Освоија злато и бронза на Европска јуниорска олимпијада
На олимпијадата учествуваат вкупно 96 ученици од 22 европски земји, како и две неевропски земји-гости на олимпијадата (Саудиска Арабија и Киргистан).
Огромен успех на младите ученици – информатичари од Македонија на 9-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која од 29-ти август до 4-ти септември се одржува во Шумен, Бугарија.
Препорачано
По втор пат во историјата на ова натпреварување македонскиот тим освојува златен медал, но овој пат надополнет и со еден бронзен медал.

Златниот медал за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Владимир Грчев од Кочани, а бронзениот медал го освои Марко Кренков од Струмица.


Членови на македонскиот тим беа уште и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, Иван Занов и Петар Ковачовски, студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Учениците кои ја претставуваа Македонија на олимпијадата беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера, Семос Едукација и Винчини.
Основната цел на овој значаен и престижен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај учениците од помлада возраст (до 15,5 години) низ цела Европа, како и да им овозможи на најталентираните млади учесници да ги демонстрираат своите знаења и вештини во оваа област, а поконкретно во програмирањето.

На олимпијадата учествуваат вкупно 96 ученици од 22 европски земји, како и две неевропски земји-гости на олимпијадата (Саудиска Арабија и Киргистан).
„Неописливо е чувството кога ученик од Македонија е на сцената меѓу ученици од Полска и Украина, а пред сите останата ученици од останатите 22 земји како Франција, Бугарија, Романија, Хрватска, Унгарија… Огромниот успех на нашиот тим, со освоените медали во ваква силна конкуренција, претставува уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко. Постигнатиот резултат е исклучителен показател за квалитетот на подготовката, посветеноста и талентот на нашите ученици, како и за континуираната поддршка која Здружението на информатичарите на Македонија ја дава на учениците преку своите редовни активности. Како пример, непосредно пред олимпијадава со поддршка на општина Кочани и „Бистри умови“ како наша партнерска организација организиравме редовен камп за подготовки на учениците на Пониква. Им честитам на учениците, на сите ментори и волонтери во ЗИМ и на целата држава, за постигнатиот успех“ изјави претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов.
Следната Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026) треба да се одржи идната година во Турција. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која ќе се одржи од 25-ти септември до 1-ви октомври во Удине, Италија.