
ФОТО | Боби Андонов размислува да се врати на Евровизија: Дали ќе ја претставува Македонија следната година?
Пејачот Боби Андонов, кој зад себе има меѓународна музичка кариера, најави дека сериозно размислува за настап на Евровизија 2026 како претставник на Македонија.
Препорачано
Преку кратко видео објавено на платформата ТикТок, тој упати прашање до своите следбеници: „Евровизија 2026. Дали треба да го направам тоа?“, што веднаш предизвика позитивни коментари со поддршка за таа одлука.

Да потсетиме, Боби Андонов е роден во Мелбурн, Австралија, а неговите родители се по потекло од Струмица.
Тој настапувал уште од шест години, кога почнал со танцување и пеење во неговиот роден град. На девет години, глумел како Дени Зуко во детска продукција на мјузиклот „Брилијантин“. Потоа бил избран да биде еден од четирите млади Симба во бродвејската продукција на „Кралот лав“ во Мелбурн и Шангај, Кина.
Андонов ѝ стана познат на македонската јавност кога ја претставуваше нашата држава на Детската Евровизија во 2009 година со песната „Прати ми СМС“. Тој го освои високото 5. место и тоа е еден од најголемите успеси на Македонија на овој музички натпревар.
Во 2010, на 15 години, Андонов влезе во музичкиот натпревар „Австралија има талент“. Неговата аудиција достигна над 15 милиони прегледи. Тој беше суперфиналист во шоуто, изведувајќи преработки на песни меѓу кои „Hallelujah“ од Леонард Коен и „Heartless“ од Канје Вест.
Во ноември 2015, Андонов потпиша договор со „Холивуд Рекордс“ и се пресели во Лос Анџелес, САД, каде што престојува сега.