
Форум на ЗЕЛС: Потребни се колективни напори за да се спречи насилството врз жените и девојчињата
Заедницата на единиците на локална самоуправа се приклучи на годинашната кампања – 16 дена активизам: Нема оправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата и по тој повод денеска го организираше форумот -„Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство“, со поддршка на телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women.
Препорачано
Настанот се организира во важни моменти кога нашето општество се соочува со зачестени случаи на насилство врз жените и девојчињата, неретко и со фемициди, со дигитално родово базирано насилство и со други форми на насилство врз жените и девојчињата. Потребно е со заеднички заложби на сите нивоа на власти да се даде приоритет во утврдување на конкретни решенија и во спроведување на трајни и одржливи форми за превенција и сузбивање на оваа форма на насилство – велат од ЗЕЛС.
Пред присутните на форумот се обрати заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој истакна дека родово базираното насилство не познава граници, како и дека тоа е проблем што е сериозен и широко распространет поради што Министерството работи на унапредувањето на системот за справување со насилство врз жените и семејното насилство, во соработка со надлежните институции и организации. Според него, само со колективни напори на локално, национално и меѓународно ниво може да се стави крај на родово базирано насилство и да се создаде пофер, посигурно и поправедно општество за жените и девојчињата.
Покрај носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во кој е рефлектирана Истанбулската конвенција, Велковски се осврна и на работата на подзаконски акти кои се однесуваат на проценката на ризик и управување со ризикот, извршување на итните и привремени мерки за заштита на жртвите и постапувањето на надлежните органи, прибирање на податоци во судовите и јавните обвинителства.
Тој го посочи и значењето на Протоколот за меѓусебна соработка за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, како и на Програмата за реинтеграција на жртви на насилство.
Во следниот период ќе се фокусираме на изготвување на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство со Акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности од стратегијата, кажа Велковски, за кого превенцијата е клучен елемент во борбата против ваквиот вид насилство.
Претходно, во изјава за медиумите претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски нагласи дека за овој проблем правилен чекор е после многу години на иста маса да разговараат претставници на локалната власт, претставници на извршната, но и на законодавната власт, како и граѓанските организации. Според него треба да се работи на законско решение кое ќе биде на долг рок, затоа што, како што нагласи во моментов има законска регулатива која функционира само на хартија.
Како што посочи Ѓорѓиевски на општините се префрлени доста од надлежностите од оваа област, но дека тие немаат средства да ги спроведат иако прва врата на која се обраќаат жртвите на насилството е локалната самоуправа.
Од Организацијата на жени на Град Скопје информираа дека поддршката која жените ја добиваат во шелтер центрите е непроценлива, дека моментално во нивниот центар се згрижени три жени и четири деца, кои не само што добиваат храна, облека и сѐ друго што им е потребно, туку најважно и приоритетно е тоа што добиваат психолошка и социјална поддршка.