Гордана Сиљановска-Давкова/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Формирана новата Комисија за помилување, прва средба утре, најави Сиљановска-Давкова

Новиот состав на Комисијата за помилување на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е веќе познат и денеска треба да ја одржи првата, конститутивна седница.
Во новиот состав на Комисијата, како што информираше Сиљановска-Давкова на средба со новинарите се Милка Ристова, пензионирана судијка од Врховниот суд, професорите Оливер Бачановиќ, Афет Мамути и Александра Груевска Дракулевска, потоа Блерта Ахмети, Драгана Батиќ – психолог, професор од Факултетот за безбедност и магистерот Доан Сулејмановски.

– Најважното за оваа комисија е прво, бидејќи доаѓа Нова година, а тогаш има помилувања, да го стори тоа. Ама, што поскоро да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања, за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Потоа, претседателката на Комисијата да свика една расправа за работната верзија на закон за помилување. Нашиот Закон за помилување сега е многу дефектен, после промените, односно укинувањето на одредби од Уставниот суд и нам ни треба еден закон компатибилен со европските и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето – изјави неодамна Сиљановска-Давкова.

Според неа, ни треба закон во кој точно ќе се утврди кој, како и што прави, но најголемата опасност за овој процес е да се политизира или партизира.

Членовите на претходниот состав на Комисијата за помилување дадоа колективна оставка од етички причини откако беше помилуван затвореник кој во текот на користењето на отпустот од осум часа како работен ангажман, а во време додека била неговата молба за помилување кај членовите на одлучување, пукал и повредил 35-годишен скопјанец во Чаир.

Претседателката тогаш ја оправдуваше одлуката на членовите, дека се воделе од делото на затвореникот, а тоа било поседување пиштол со 5 куршуми со кој извршил напад на наплатна рампа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот