
Фондот започнува со СМС-известувања за пензиски решенија и воведува 13 нови електронски услуги
Граѓаните кои поднеле барање за остварување на право на пензија, од утре ќе бидат известувани преку СМС-пораки каде и кога да го подигнат решението, информираат од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
Препорачано
Како што соопштуваат од Фондот, целта на оваа нова услуга е да се избегнат непотребните доаѓања на шалтерите, да се намалат гужвите, да се поедностави административната постапка и да се оптимизираат трошоците во работењето.
„Откако решението ќе биде изготвено од службите, до граѓаните што поднеле барање за остварување на правото на пензија, Фондот ќе ја достави пораката со следниот текст: ‘Вашето решение со бр. ххххххххххххх е изготвено. Истото можете да го подигнете во Филијалата/Деловницата на ФПИОСМ каде што е поднесено барањето’“, се наведува во соопштението.
Дополнително, во рамки на Фондот веќе функционира и нов Кол-центар, каде граѓаните и осигурениците можат да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и детални информации за условите за стекнување на старосна, семејна и инвалидска пензија, најнизок износ на пензија, права со примена на меѓународни договори, како и други права поврзани со Законот за работни односи и пензиско-инвалидско осигурување.
Покрај тоа, преку државниот портал uslugi.gov.mk, Фондот веќе има активирано 13 нови електронски услуги. Меѓу нив се: Барање за старосна пензија, барање за утврдување својство на осигуреник (за работници упатени или вработени во странство, земјоделци, верски службени лица, продолжено осигурување), потврди за исплатени пензии и задршки, изводи за данок на доход за пензиски примања, потврди за банкарска сметка или статус на пензионер
Од Фондот информираат дека во фаза на тестирање се и неколку нови услуги кои наскоро ќе бидат достапни: Барање за остварување на право на семејна пензија, барање за инвалидска пензија, барање за паричен надоместок за телесно оштетување и издавање дупликат решение