
Физибилити студија ќе послужи за идни инвестиции во системот за централно греење во Битолскиот регион
Физибилити студија ќе послужи за идни инвестиции во системот за централно греење во Битолскиот регион
Препорачано
Денес, во Битола се одржа Првата конференција во рамките на проектот „Обновливи извори на енергија за греење во Битолскиот регион” кој опфаќа изработка на физибилити студија за пренамена на изворот на енергија за системот за централно греење што е во фаза на изградба, во обновливи извори.
Студијата ќе послужи како основа за идни инвестициски активности во системот за централно греење во Битолскиот регион и зголемување на свесноста за користењето на обновливи извори за енергија, беше речено на конференцијата.

„Битола е на само 12 километри од објектот од стратешко значење за производство на електрична енергија, РЕК „Битола”. Од него, ја пропуштивме шансата во изминатите 40 години, градот да биде поврзан на топлинска енергија. Затоа, е добро, да се гледа визионерски во иднината и да се бараат зелени решенија за идниот топловод. Да се бараат нови проекти и развој на локалната економија во правец на овозможување на зелени вработувања, за младите да останат во својот град. Општина Битола секогаш ќе ги поддржува квалитетните проекти што значат подобро утре на заедницата-рече градоначалникот Коњановски.
Тој потсети дека локалната самоуправа го помогна поставувањето на фотоволтаици на три средни училишта и шест основни училишта и изрази надеж дека до крајот на оваа календарска година, сите ќе бидат ставени во функција.
-Веќе функционираат поставените фотоволтаици на подрачното основно училиште „Даме Груев” во селото Долно Оризари, бидејќи за нас е важно руралните средини да имаат исти услови, со цел да се намали миграцијата град-село. Општината Битола во изминатите години работи на многу проекти за енергетска ефикасност, бидејќи нашата стратегија е што повеќе да ја направиме општината и јавните општински објекти енергетски поефикасни, а во исто време и да се намали потрошувачката на електрична енергија. Потпишавме договор со Делегацијата на Европската Унија и УНОПС, во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух”. Со овој проект во следните три години ќе се заменат старите системи на греење во неколку објекти – училишта или градинки, а ќе се засадат и голем број садници на одредени делници во градот, со што ќе се намали загадувањето на воздухот. Преку проект со УСАИД ќе обезбедиме техничка документација за енергетски ефикасни училишта и градинки. А за првпат локалната самоуправа субвенционираше и обезбеди поддршка во вредност од 3.000.000 денари преку проектот „Енергетски ефикасни домови” за колективните згради во 2022 година, постари од 30 години, со реновирање на надворешните фасади на зградите и овозможување зголемена енергетска ефикасност на жителите на станбените објекти. Клима уреди за граѓаните ако лани субвенциониравме со 4.000.0000 денари, а годинава повторно ќе реализираме нов повик во вредност од два милиони денари-додаде градоначалникот Коњановски и потсети дека во 2022 година, Општината Битола субвенционираше и набавка на велосипеди во вредност од 1.000.000 денари, а исто толку средства како локална самоуправа имаат предвидено и за оваа година.
Проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски” Битола и ко-основач на институтот ГАУСС истакна дека кон крајот на проектот (септември-октомври 2025 година) повторно во Битола ќе се одржи конференција на која ќе бидат презентирани резултатите-физибилити студијата.
-Но, во меѓувреме нема да работиме изолирано, туку до крајот на месецот, сите засегнати страни со процесот на изградба на систем за централно греење во Битола ќе добијат покана да назначат по еден претставник во Управувачкиот комитет на проектот кој ќе се среќава најмалку еднаш на три месеци со цел да биде информиран за резултатите од работата на експертите и дава коментари и сугестии- рече ректорот на Битолскиот универзитет проф. д-р Игор Неделковски.
Искуствата од енергетската транзиција во Германија, ги пренесе Харалд Уфхоф, извршен директор на Фондацијата „100 проценти од обновливи извори”. За технологии со големи топлински пумпи за централно греење, говореа Весна Неделковска, проектен менаџер во ГАУС Институтот и Франциско Белтран, експерт на „Еко Ресет”, додека првичната анализа на податоците за топлификацискиот систем во Битола, ја пренесоа Горан Неделков, Нелсон Сомерфилд и Пецо Ристевски, експерти на „Еко Ресет”.
Проектот „Обновливи извори на енергија за греење во Битолскиот регион” е дел од Европската климатска иницијатива ЕУКИ – инструмент за финансирање на проекти од германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности (BMWK).
Главна цел на ЕУКИ е да ја поттикне климатската соработка во рамките на Европската унија (ЕУ) со цел да се ублажат емисиите на стакленички гасови.
Текст и фото: Васка М.Младеновска