Фото: 360 степени

Фирмата што испорачуваше регистрации со НМК ќе ги „бојосува“ табличките за државните возила

Тендерот за набавка на табличките за сите возила е поништен, па табличките „Квантум“ ќе ги испорачува според рамковна спогодба. „Квантум“ со рамковен договор и во соработка со германска компанија, испорачуваше таблички и налепници со „НМК“ кога министер беше Оливер Спасовски, откако „Раде Кончар“ и МВР по повеќе од две децении ја прекинаа соработката.

Фирмата „Квантум“ од Скопје, која пред неколку години се најде во фокусот на јавноста кога немаше регистарски таблички со ознака „НМК“, што беше дел од обврските за државата по потпишувањето на Преспанскиот договор за промена на името, сега ќе ги испорачува и црвено-жолтите таблици со кои ќе треба да бидат обележани службените возила со цел да не се злоупотребуваат за време на изборната кампања.

Владата донесе одлука до 15 септември сите државни институции, општини, јавни претпријатија, Град Скопје, институции со доминантна сопственост на државата да ги „обојат“ табличките, а нивната испорака треба да ја организира Министерството за внатрешни работи.

Тендерот за набавка на табличките за сите возила е поништен, па црвено-жолтите таблички фирмата „Квантум“ ќе ги испорачува според рамковна спогодба. Инаку, „Квантум“ со рамковен договор и во соработка со германска компанија, испорачуваше таблички и налепници со „НМК“ кога министер беше Оливер Спасовски, откако фирмата „Раде Кончар“ и МВР по повеќе од две децении ја прекинаа соработката. Тогаш МВР спроведе итна постапка за набавка на таблички.

– Последниот оглас за јавна набавка за регистарски таблички за моторни возила е објавен на 26.5.2025 година со рок за поднесување понуди до 25.6.2025 година. Со оваа постапка за набавка планирано е да се опфатат сите видови обрасци на регистарски таблички за сите видови возила. За постапката беше донесена одлука за поништување и моментално е во жалбена постапка пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, поради што не можеме да дадеме повеќе информации во оваа фаза. За делот од прашањето што се однесува на регистарските таблички за службени моторни возила со кои располагаат државни органи, општини или трговски друштва и други правни лица, основани од државата или од општините, може да посочиме дека нивната набавка се овозможува со претходно склучена рамковна спогодба за истата намена (набавка на регистарски таблички) од 7.12.2023 година, во која е предвидено дека носителот на набавката е должен да изработи и да испорача видови обрасци на регистарски таблички што се предвидени со измени на правилниците, како што е во случајов со измена на правилникот што стапи на сила на 4.8.2025 година – велат од МВР за „Слободен печат“.

Владата цврсто на ставот – до 15 септември табличките ќе се „бојосаат“

И од Владата и од директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски во изјава за „Слободен печат“ остануваат на одлуката дека до 15 септември, односно пред да почне изборната кампања, регистарските таблички на службените возила ќе бидат обележани во боите на македонското знаме за да не се злоупотребуваат.

– Почнувајќи од 15 август, па сѐ до крајниот рок – 15 септември годинава, сите државни институции, општини, јавни претпријатија, Градот Скопје, институции со доминантна сопственост на државата, имаат обврска да ги променат своите регистарски таблички. Очекуваме институциите да постапат по насоката на Владата – велат од Владата.

Како што објаснува Томовски, иако тендерот на МВР пропаднал, сепак ќе може да се испорачаат нови таблички за околу 7.000 службени возила.

– Мислам дека им пропадна тендерската постапка, но ќе го користеле стариот рамковен договор што го имале склучено со претходната фирма. Ми беше кажано дека ќе има толку колку што има потреба од таблички за службени возила. Според првичната бројка и анализите што ги направивме, станува збор за 6.000 до 7.500 таблици, за кои тврдат дека ќе ги имаат. Насока имаат сите државни институции, општини, јавни претпријатија, Град Скопје, институции што се со доминантна сопственост на државата. Ние како служба, заедно со работната група, го изработивме Правилникот, а набавката на табличките е и беше надлежност на МВР – вели Томовски.

Тој објаснува дека од 15 август до 15 септември му се остава простор на МВР за да ги обезбеди табличките и да се стигне пред избори, период кога се прават најчестите злоупотреби.

По распишувањето на изборите, објавување на веб-апликација – регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал – најавува и Државната комисија за спречување на корупцијата. Ваков регистар на службени возила имаше и претходниот состав на ДКСК, па граѓаните што се сомневаат дека некое возило се злоупотребува, ќе може да го најдат во регистарот дали е службено или не.

Обезглавената ДКСК уверува дека ќе го следат изборниот процес

 

Злоупотребата на државните ресурси во партиски цели е главна тема пред секои избори. ДКСК е обезглавена и со разнишан легитимитет, откако експретседателката Татјана Димитровска поднесе оставка, по сомнежите за одавање службени информации на обвинет во предметот „Адитив“ и за неправилности при полагање на тестот за да добие сертификат за државна тајна. Од Комисијата сепак уверуваат дека ќе го следат изборниот процес.

– ДКСК, во рамките на законските надлежности, во насока на превенција и спречување на користењето на државните ресурси за партиска кампања, по објавувањето Решение за распишување на локалните избори 2025 година, ќе ги преземе следните активности: на својата веб-страница ќе објавиме известување/соопштение за сите органи на државната и на локалната власт и други државни органи, основани во согласност со Уставот и со закон, до политичките партии и учесниците во изборната кампања, како и до јавноста, за законските ограничувања при користењето и располагањето со буџетските средства од денот на распишувањето на локалните избори до нивното завршување, а ќе го доставиме и до раководните лица на сите институции. ДКСМ на својата веб-страница ќе објави образец – пријава за сомневања за незаконитости и за прекршувања на изборниот процес, преку која секоја засегната страна може да пријави сомневања за изборни прекршувања. Ќе се објави соопштение дека сите институции што располагаат со државен капитал се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до ДКСК да достават податоци за бројот, видот, регистарската табличка на моторните возила со кои располагаат, а ќе се објави и веб-апликација – Регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, на јавните претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал – велат од ДКСК за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека ќе постапуваат по поднесените пријави за изборни нерегуларности и најавуваат дека ако има прекршување на законите, ќе ги известат надлежните институции. Користењето на државните ресурси е регулирано и со Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции, именувани од Владата, кој предвидува доверените ресурси да се користат исклучиво за службени цели и не смеат да се користат за стекнување лична корист или корист на политичка партија.

– Во предметите во кои има индиции дека е прекршен Кодексот, ДКСК до Владата доставува известување/укажување за преземање мерки, уредени во член 23 од Кодексот, според кој во случај на непочитување на одредбите од Кодексот, покрај вербално и писмено укажување од Владата, претседателот на Владата може да побара и политичка одговорност од носителот на извршна функција, односно барање за поднесување оставка или предлог за негово разрешување – велат од Комисијата.

Со службени возила на полноќни министерски состаноци

 

Уште нераспишани локалните избори на кои кандидатури најавија двајца министри од Владата и директори на јавни претпријатија, новинарите веќе почнаа да ги ловат министрите со нивните службени автомобили во близина на партиските штабови.

„360 степени“ ги „фати“ министерот за животна средина кој сака да биде градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, со паркирани државни возила, и тоа пред полноќ, близу партискиот штаб. По неколку денови, од Министерството за животна средина и просторно планирање кажаа дека вицепремиерите биле на состанок за владини политики.

Прашан за случајот, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека верува оти двајцата вицепремиери, кои се дел од Вреди, биле на состанок за владини политики, но сепак, за да се увери, рече ќе ги праша и лично.

Со службен автомобил во суд се пријавуваше и министерот без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, кој е еден од обвинетите за трагедијата во Кочани. За него не беше спорно што се пријавува со службено возило во суд, затоа што во тој период бил на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот