
Филмскиот проект „Човек против јато“ во режија на Тамара Котевска доби поддршка од „Еуримаж“
Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 169-та сесија во јуни оваа година го поддржа филмскиот проект на режисерката Тамара Котевска „Човек против јато“ со износ од 265.000 евра.
Препорачано
– Ова е втор македонски проект кој е поддржан оваа година од „Еуримаж“, а е во режија на Тамара Котевска. Копродукцијата е помеѓу македонските продуценти „Аполо Креатив Солушнс“ и „Астерикс продукција“ и копродуцентите „Филмоскопија“ од Србија, „Зеинофилм“ од Турција и „Нуклеус филм“ од Хрватска – изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, македонскиот национален претставник во „Еуримаж“.
Таа додаде и дека куриозитет е што беа пријавени 111 копродукциски проекти, бројка која не се памети во една иста сесија во историјата на „Еуримаж“.
– Во ваква конкуренција проектот „Човек против јато“ беше оценет одлично и рангиран на високо 3то место на ранг-листата во својата група. Коментарите за проектот беа скоро идентични, би цитирала неколку: „…преубав проект кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; режисерката точно дефинира што сака да постигне; јасно сценарио од почеток до крај…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска.
Во јунската сесија од вкупно пријавени 111 проекти, 33 добија финансиска поддршка од „Еуримаж“ и до толку е позначајно што меѓу нив е и еден македонски проект.
Северна Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година и во оваа јубилејна година два наши проекта веќе добија финансиска поддршка: „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168-та сесија и „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија.
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – „Еуримаж“ од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.409 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 700 милиони евра.