
Филипче: Лек за ковид-19 нема, ремдесивир и фавира да се пијат само во консултација со лекарите
Лековите ремдесивир и фавира не се докажани дека помагат специфично за новата болест, порача министерот за здравство Венко Филипче денеска во Штип, одговорајќи на новинарско прашање дека на црно преку интернет се продаваат овие лекови за лекување на коронавирусот.
Препорачано
– Тоа се лекови што се докажани дека помагаат во некои други болести и ситуации и не можат да се препишат лекови што не помагаат за конкретна дијагноза. Никој не треба да посегне да бара лекови што не се докажани дека помагаат во лекувањето на ковид-19. Уште во светот има огромен број на клинички студии коишто испитуваат лекови. Сите знаеме дека специфичен и посебен лек за оваа болест нема. Се прави комбинација на постојните терпаии за некои други болести или сиптомите што ги дава оваа болест, а мора да знаеме и граѓаните да знаат дека има навистина широка лепеза на симптоми со кои оваа болест може да се манифестира – рече Филипче.
Тој апелира секој пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување само со контрола на лекар да прими соодветна терапија. Филипче потенцира дека постои унифициран протокол за лекарите за лекување на болните од ковид-19 и на тој протокол им е укажано повеќе пати.
– Но, што е суштината кога ќе се каже нема унифициран протокол, се однесува на тоа дека нема еден терк на лекување на оваа болест заради тоа што нема една форма на болеста. Има толку многу различни клинички форми што секоја бара поинаков пристап, поинакво лекување, поинакво дозирање на истите лекови што доаѓаат предвид за давање при соодветна манифестација и во таа смисла тоа е така секаде во светот. Затоа е многу битно сите коишто имаат и најмали симптоми и за каков било чекор за лекувањето да се консултираат со лекар – порача министерот.