Венко Филипче / Фото: Слободен печат

Филипче: Дронови, хибридни напади па странски центри на моќ што палат пожари – тоа е пиаровската драма на премиерот

Секогаш кога премиерот ќе се најде во ситуација да не може да изменаџира и да најде решение за проблемот, сè некој друг му е крив, коментира лидерот на СДСМ Венко Филипче во денешната изјава по повод пожарот во Трубарево каде што изгоре склад за електронски отпад ставајќи го во ризик здравјето на скопјани.

-Изминативе 15 месеци прво имаше следење со дронови, обиди за дестабилизација, хибридни напади па сега дека нешто организирано се случува од разни странски центри на моќта. Мислам дека ниту еден премиер до сега, не се осмелил вака да ја злоупотребува ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата, ниту пак да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата.

Од оваа влада не видовме ниедно решение на сериозните проблеми што се напластуваат изминативе година и половина. Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад и хибридни напади, странски центри на моќ, тогаш прво требаше да заседава Советот за безбедност. Требаше на терен да излезе Армијата, министерот за одбрана, да се активираат сите безбедносни служби и да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува.

Се на кое премиерот се вади е пиаровска драма. Нема акција да се решат проблемите и ова е навистина доказ за едно дилетантско водење на државата. Практично овој тим нема капацитет да ја води државата како што треба, рече Филипче. 

Тој потсети дека пред минатите локални избори ВМРО-ДПМНЕ ветувале расчистување на депониите и паркови на тие места.

-Ајде да видиме до кај се со таа работа. Ајде да видиме дали почнале воопшто да работат на дел од ветувањата што ги дадоа пред 4 години, бидејќи им завршува мандатот на нивните градоначалници. Се за што ветуваа е полошо и еве се случуваат сериозни ситуации кои го загрозуваат здравјето на граѓаните. Треба да се направи детална анализа на сите институции и депонии во земјава. Ајде да се превенира некоја следна криза. Имаат ли сите лиценци, дали се на доволна оддалеченост од населени места, работи ли некој нелегално со отпад, ајде да се анализира од каде се увезува отпад во земјава па да видиме што се случува во тој сектор. Што направи владата по тоа прашање? Ништо – рече Филипче. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот