
„Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на РС Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на РС Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед. Оваа оценка, како што велат од Министерството за финансии (МФ), е потврда за стабилноста на економските политики и сигнал за доверба во макроекономските перспективи на земјата.
Препорачано
-Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста. Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2 проценти, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни, посочуваат од МФ.
„Фич“, додаваат, очекува економијата да оствари раст од 3,2 проценти за целата 2025 година и просечно 3,4 проценти во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3 проценти.
-Растот дополнително ќе го поттикнат големите инфраструктурни проект кои ќе создадат нови можности за инвестиции и поврзување на економијата со европските пазари. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите, нагласуваат од МФ.
Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7 проценти од БДП во 2024 година, како што посочуваат, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија.
-Според „Фич“ ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок. „Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60 проценти од БДП на среден рок, порачуваат од МФ.
Нагласуваат дека потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека земјава успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици.
-Оваа одлука е дополнителна потврда за кредибилноста на економските политики и претставува охрабрување за продолжување на реформите, за јакнење на фискалната дисциплина и за подобрување на конкурентноста на економијата, со крајна цел обезбедување повисок животен стандард за граѓаните и нови можности за развој, потенцираат од Министерството за финансии.