Фејсбук / Фото: МИА

Фејсбук блокираше македонска фирма поради наводно шпионирање на корисници

Македонската фирма Сајтрокс, основана од унгарската Сајтрокс Холдингс, е блокирана на Фејсбук поради злоупотреба на мрежата за шпионажа на корисници. Таа е една од седумте компании кои се блокирани поради сомневање за шпионажа и злоупотреба на податоци.

Македонската ИТ фирма развивала малициозен софтвер за паметни телефони, е блокирана поради злоупотребата на социјалната платформа за шпионажа на корисниците. Станува збор една од седумте фирми кои ја искористиле нејзината платформа за да шпионираат 50.000 луѓе во 100 земји, тврди Фејсбук.

Мета, која покрај Фејсбук, е сопственик и на социјалните мрежи Инстаграм и Ватсап, им забрани на седум компании пристап до нејзината платформа. Отстранети се околу 1.500 профили, кои биле користени за собирање информации за корисници во повеќе од 100 земји. Седумте компании кои Мета ги идентификуваше во својот извештај се „Cobwebs Technologies“, „Cognyte“ „Black Cube“, „Bluehawk CI“, „BellTroX“, и македонската „Cytrox“.

Македонската компанија Сајтрокс е основана во Скопје во 2017 година. Според податоците од Централниот регистар, основач на оваа фирма за развој на софтвер е унгарска компанија, основана во Будимпешта и именувана како „Сајтроск Холдингс Командитно Акционерско друштво“ со паричен влог од 25 илјади евра. Основна дејност на скопската фирма и е компјутерско програмирање. Нејзин управител е Иво Малинковски, пишува Радио Слободна Европа.

Во извештајот на Мета за можни закани за шпионажа се наведува дека на македонската Сајтрокс ѝ биле отстранети 300 Фејсбук и Инстаграм профили кои биле користени „за да се вклучуваат и измамуваат цели“.

Македонската компанија, користела засега непозната ранливост во софтверот на „Apple Inc.“ за да го хакира, развивајќи малициозен софтвер кој делува врз оперативните системи Андроид и ИОС, се вели во извештајот.

Во него се посочува дека Мета верува оти Сајтрокс ја злоупотребувала инфраструктурата на легитимни новински ентитети од земјите и имитирале слични УРЛ адреси нудејќи социјални медиумски услуги со цел да „закачат повеќе корисници“, постапка позната како „фишинг“.

Според истражувањето на Мета, клиентите на Сајтрокс се од Египет, Ерменија, Грција, Саудиска Арабија, Оман, Колумбија, Брегот Слонова Коска, Виетнам, Филипините и Германија. Софтверот на македонската фирма се викал Предатор. Нивна цел биле политичари и новинари ширум светот вклучително и Египет и Ерменија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот