
Фантастичен десерт од Дијана Иваноска: Тарт со ф’стаци и чоколада
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно уникатно гастрономско уживање – тарт со ф’стаци и чоколада.
– Прекрасна комбинација од јаткаста основа, паста од ф’стаци и чоколада – вели Дијана.

За основата е потребно:
– 200 грама ореви мелени
– 70 грама какао во прав
– 1/2 лажичка сол
– 50-60 милилитри јаворов или агаве сируп
За пастата со ф’стаци:
– 150 грaма ф’стаци исчистени од лушпите
– 50 милилитри јаворов сируп
– 1 лажиче ванила екстракт
– 1 лажиче мача во прав (сосема опционално, за поинтензивна зелена боја на пастата)
За ганаж преливот:
– 200 милилитри слатка павлака
– 60 милилитри јаворов сируп (може да го изоставите ако користите засладена слатка павлака)
– 200 грама чоколада

Подготовка:
Ф’стаците нека киснат во вода минимум 4 часа или 30 минути во врела вода.
Исплакнете ги со вода и отстранете ги тенките лушпи.
Обложете калап со пречник 24 cм со хартија за печење, дното и страните.
Измешајте ги или изблендирајте ги состојките за основата и натапкајте ја смесата на дното на калапот. Нека стои во фрижидер додека ја подготвувате пастата од ф’стаци.
Исчистените ф’стаци блендирајте ги додека добиете мазна смеса. Додадете ја ванилата, мача правот и јаворовиот сируп додека сосемa се изедначи и се добие мазна паста.
Нанесете ја пастата внимателно врз основата и вратете го калапот во фрижидер.
Исечкајте ја чоколадата и ставете ја во еден сад заедно со јаворовиот сируп.
Слатката павлака загрејте ја до пред вриење.
Сипете ја павлаката врз чоколадата и оставете ја две минути.
Измешајте ја смесата додека не стане сосема мазна.
Истурете го ганажот врз тартот.
Нека се лади минимум 4 часа пред послужување.
Уживајте во секој залак!
