
Европските вина и жестоки пијалоци од денес во САД ќе влегуваат со повисоки царини
Царинската давачка на САД за увоз на европско вино и жестоки пијалоци ќе се зголеми од сегашните 10 на 15 проценти, почнувајќи од 1 август, потврдија претставници и дипломати на Европската унија. Оваа мерка е од привремена природа и ќе остане на сила сè додека не се постигне поширок трговски договор меѓу Вашингтон и Брисел, чии преговори се очекува да продолжат на есен, според неименувани извори од ЕУ запознаени со ситуацијата.
Препорачано
Се очекува сите пратки вино и жестоки пијалоци што доаѓаат од Европската Унија да бидат оптоварени со новата царина од 15 проценти, освен во случај на специфични исклучоци или премин кон режим на „Најповластена нација“ (MФН). MФН режимот дозволува царината да се пресметува по литар, а не како процент од вредноста, што би можело донекаде да го ублажи ударот врз увозниците.
Засега не е познато дали претходниот договор, кој предвидуваше нулти или MФН стапки за одредени алкохолни пијалаци, ќе остане на сила, пишува Каматица. Ова зголемување на царините доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа трговски договор во принцип. Иако официјален Брисел го поддржа договорот, реакциите во клучните земји-членки на ЕУ се поделени, при што индустријата во Германија, особено, отворено изразува загриженост за потенцијалните последици.