
Европските лидери не се договорија за ништо во Копенхаген
Европските лидери во Копенхаген цел ден расправаа за безбедноста на континентот, но без конкретни резултати за „ѕидот од дронови“ и за замрзнатите руски средства.
По еднодневниот самит во Копенхаген, европските лидери не постигнаа договор за изградба на „ѕид од дронови“, ниту се договорија за активирање на замрзнатите руски средства, кои остануваат недостапни додека Белгија и други држави не добијат правни гаранции за нивната употреба во заем за Украина.
Препорачано
Лидерите на Европската унија поминаа еден ден во данската престолнина дискутирајќи како да ја зајакнат безбедноста на континентот, анализира „Политико“.
„Загрижени сме, јас сум многу загрижен, и сега е време да преземеме акција,“ изјави финскиот премиер Петтер Орпо за „Политико“ на маргините на самитот.
Но, работите не течеа според планот: имало многу разговори, а малку резултати. Лидерите не се помалку загрижени одошто беа претходно.
Замрзнатите средства остануваат замрзнати, засега
Земјите од ЕУ не беа подготвени да го поддржат планот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за финансирање заем за Украина.
Комисијата сака да ѝ понуди на Украина заем од 140 милијарди евра, со што санкционираните руски средства од доспеаните активи би се замениле со специјален договор за долг преку белгиската финансиска институција што ги чува депозитите, „Еуроклир“. Ова се гледа како „досетлив начин“ да се избегне нивна конфискација, што би можело да биде спротивно на меѓународното право.
Туск: Тоа е наша војна, и ако Украина изгуби, тоа е наш неуспех
Една од причините зошто не се постигна договор во Копенхаген е што некои земји, особено Белгија, сакаат поголема правна сигурност. Белгискиот премиер Барт де Вевер беше најпретпазлив, бидејќи неговата земја би ја сносела главната тежина доколку Русија покрене правни постапки.
По самитот, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен се обиде да ги увери Белгија и другите скептични земји дека планот не подразбира конфискација и дека „ризиците треба да се споделат на пошироки раменици“. Но, тоа засега не беше доволно.
„Следниот самит, подоцна овој месец, би можел да биде „денот на одлуката“, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Лидерите порачаа: Одбраната останува во наши раце
Двaта часа предвидени за заедничка одбрана траеја двојно подолго.
Иако земјите генерално ги поздравија предлозите на Комисијата, тие инсистираа да имаат поголема улога во одлучувањето.
„Поради потребата од понатамошни дискусии, состаноците на министрите за одбрана од ЕУ и високата претставничка Каја Калас ќе се одржуваат почесто“, изјави претставник на ЕУ запознаен со текот на разговорите.
ЕУ сè уште треба да ги разработи деталите околу т.н. „ѕид од дронови“, кој не беше усвоен во средата. Според Фон дер Лајен, тоа треба да биде систем за брза детекција, пресретнување и, ако е неопходно, неутрализација на беспилотни летала.
Франција и Германија беа скептични за проектот под контрола на Комисијата, додека земјите од југот на Европа бараа поширока концепција која би ги заштитувала и нивните граници.
Мерц не успеа да ја наметне својата агенда
Германскиот канцелар Фридрих Мерц сакаше на самитот да зборува за конкурентноста, но не успеа.
„Имаме две главни теми: прво, конкурентноста на европската индустрија и премногу високото ниво на регулација во Европа. Второ, за жал, повторно ќе мора да зборуваме за војната во Украина,“ рече Мерц пред самитот.
Мерц во судир со Брисел: Канцеларот сака да ја скрати моќта на Фон дер Лајен
Се покажа дека тој воопшто не ја прочитал официјалната агенда, која предвидуваше сесии за одбрана и за Украина, се вели во анализата на „Политико. Но, официјалните лица знаеја дека неговата порака е наменета пред сè за домашната публика, бидејќи германскиот лидер е под притисок да ја обнови најголемата економија во ЕУ и да испорача реформи што ги вети на изборите.
Кралската вечера ја скрати агендата
Крајот на самитот во Копенхаген беше условен со поканата на данските кралски семејства на вечера во 19 часот.
Тоа ја наметна временската рамка, но сесијата за безбедност и одбрана траеше четири часа – двојно повеќе од планираното – бидејќи лидерите говореа надвор од однапред подготвените точки.
„Кошта, кој го водеше состанокот, не се осмели да ги прекине, со оглед на чувствителноста на темите“, кажа официјален претставник.
Сепак, лидерите стигнаа навреме на вечерата. Само Фон дер Лајен, Кошта и данската премиерка Фредриксен се вратија потоа за да ја известат јавноста.
Кој ќе може да влезе во клубот?
Идејата на Кошта за забрзување на членството на Украина во ЕУ пропадна, анализира порталот, што и не беше изненадување.
Како што претходно објави „Политико“, Кошта предложи да се смени правилото и пристапните преговори да почнат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Тоа веднаш беше одбиено од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е најблискиот сојузник на Путин во ЕУ. Но и други држави – Франција, Холандија и Грција – се изјаснија против и ја потопија иницијативата.
За време на самитот, Орбан беше еден од ретките што јавно говореа за планот – само за да го одбијат, се заклучува во анализата на „Политико“.
Пленковиќ и Орбан ја спуштија топката: Хрватска е спремна да ја снабдува Унгарија со нафта