
Европските гиганти ги здружуваат силите – сите инвестираат во вештачка интелигенција
Германскиот индустриски гигант „Siemens“ објави соработка со група европски производители на машини. Целта на оваа соработка е обука на модели на вештачка интелигенција (ВИ) за употреба во индустријата. Siemens ќе ги здружи силите со водечки производители како што се Chiron, Trumpf, Grob, Renishaw, Heller и Лабораторијата за машински алатки на Универзитетот RWTH Aachen.
Препорачано
Соработката ќе овозможи систематска размена на податоци за инженерство, производство и машини. Овие податоци ќе се користат за развој на нови генеративни апликации за ВИ прилагодени на индустриски средини.
На индустријата ѝ се потребни многу посигурни модели на ВИ отколку, на пример, апликации како „ChatGPT“, бидејќи грешките можат да бидат исклучително скапи и опасни. Затоа, потребно е да се користат проверени податоци од индустриски компании за обука.
– Заедно со нашите клиенти и партнери, денес правиме значаен чекор во проширувањето на вештачката интелигенција за индустриски апликации – изјави извршниот директор на „Сименс“, Роланд Буш – во оваа област гледаме одлична можност за развој на европската економија и за зајакнување на индустријата: од автомобилска, хемиска и фармацевтска, до машинско инженерство, енергетика, здравство, инфраструктура и транспорт.
Пристапот до овие податоци може да донесе сосема ново ниво на продуктивност, особено во инженерската индустрија. Создавањето програми за машини, со помош на вештачка интелигенција, може да го забрза напредокот, да го намали бројот на грешки и да ја олесни работата на програмерите.
Меѓу можните области на примена, се издвојуваат следниве: одржување на машините врз основа на прогнози за можни специфични проблеми, прилагодување на производствените процеси на промените во условите за работа во реално време и поефикасна потрошувачка на енергија.