Седиштето на ОЛАФ во Брисел/Фото: EPA/Julien Warnand

Европските фондови најзлоупотребувани во Македонија, објави ОЛАФ

Од вкупно 36 истраги на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во Македонија. Европската служба против измами (ОЛАФ) подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.

Од сите земји на Западен Балкан, европските фондови биле најзлоупотребувани во Македонија. Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички, во последните пет години отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови.

Според податоците објавени од ОЛАФ, што ги пренесоа дел од албанските медиуми, од вкупно 36 истраги за користењето на европските фондови на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на фондовите од властите во Македонија. ОЛАФ подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.

Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.

Втора земја во регионот според бројот на почнати истраги е Србија каде што ОЛАФ отворила девет, а за четири затворени истраги се дадени препораки. Во Босна и Херцеговина биле отворени три истраги, а дадени се препораки за две, додека на Косово имало три истраги и една препорака за затворена истрага. Во Албанија биле отворени две истраги, вклучувајќи ја и таа од 2021 година што се однесува за земјоделските фондови, а на дното на листата на ОЛАФ е Црна Гора со само една отворена истрага.

Истрагите на ОЛАФ не завршуваат секогаш со откривање на виновниците, а целата постапка може да заврши со препорака земјата корисничка да ги врати злоупотребените средства. Во случај злоупотребите да се евидентни, тие се предаваат на соодветните власти во земјата за да отворат истрага за криминал.

Се забележува и директна корелација меѓу напредувањето на една земја во евроинтеграции и бројот на започнати истраги, па колку што е земјата поблиску до членство, европските фондови се зголемуваат, а се зголемува и можноста за злоупотреба.

Што се однесува до земјите членки на ЕУ, за три години најголемите истраги се отворени во Италија, а потоа во Полска и во Унгарија, кои се „осомничени“ за злоупотреба на земјоделски фондови.

Во извештајот на ОЛАФ се наведува дека вкупно биле почнати 255 истраги и имало 275 препораки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот