Јајца Фото / Слободен печат / Драган Митрески

Европејците прават омлет од македонски јајца, ние ги плаќаме по 12 денари!

Украина е сè уште најголем снабдувач на Европската Унија, но Македонија се издвои со исклучителен раст на извозот од дури 111 отсто, што ја прави клучен играч на европскиот пазар. Според статистиката, ланската годишна просечна потрошувачка на јајца на едно македонско семејство е 20 табли или 609 парчиња

Цената на јајцата во домашните маркети повторно е зголемена и од пред неколку денови пакување од 10 парчиња со големина Л, се продава од 99 до 120 денари. Ова е второ поскапување за два месеца и тоа од 15 отсто, а ситуацијата потсетува на онаа од пред две години, кога нивната цена мораше да биде замрзната бидејќи се продаваа од 12 до 15 денари за парче.

И додека европските потрошувачи мака мачат со намалената понуда поради уништените фарми од птичјиот грип, светските медиуми забележуваат дека зголемената побарувачка го поттикнала растот на увозот на јајца од ЕУ. Во периодот од јануари до април, увозот достигна речиси 50.300 тони, што е за 42 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Украина е сè уште најголем снабдувач на Европската Унија, но Македонија се издвои со исклучителен раст на извозот од дури 111 отсто, што ја прави клучен играч на европскиот пазар.

Извори на „Слободен печат“ откриваат дека во неможност да испорачаат доволно јајца според договорите со домашните маркети, дел од македонските фарми увезуваат и од Србија.
За потсетување, цената на јајцата во земјава постојано растеше од почетокот на 2022 година до октомври 2023 година, а во одредени месеци со повисоки вредности од над 30 проценти, што главно се должеше на зголемувањето на трошоците на производителите предизвикано од енергетската криза. Според статистиката, ланската годишна просечна потрошувачка на јајца на едно македонско семејство е 20 табли или 609 парчиња.

Тони Димески од фармата „Наше пиле“ за „Слободен печат“, вели дека македонските јајца наголемо одат за Хрватска, која се соочува со голем проблем. Тој смета дека зголемената побарувачка е добра вест за нашите живинарски фарми, а за европските земји заминуваат полни шлепери со македонски јајца.

– Хрватска има проблем и тоа не само поради појавата на салмонела, туку и поради растот на туризмот, па затоа и нашите јајца патуваат натаму и тоа по цена на големо од 12 до 13 денари за парче – додава Димески.

Дека има глобален недостиг од јајца, ни потврдија и од фармата „Бели мост“ од Битола, од каде што велат дека растот на цените е неминовен бидејќи многу е поскапена и основаната храна за кокошките. Ако до пред неколку денови еден килограм пченка чинеше од 12 до 13 денари, сега чини од 18 до 19 денари. Оттаму велат дека не е реално едно јајце да чини 12 денари, но за домашните потрошувачи и цената од 10 денари е превисока.

– Ова е глобален проблем, јајцата се бараат во цела Европа. Нашите фарми извезуваат во Грција и Хрватска, оти трговците не прашуваат за цена. Од друга страна, храната за кокошките порасна и тоа мора да се преслика врз крајната цена – додаваат од „Бели мост“.

Имаме и можеме да произведеме доволно домашни јајца

Бројката на несилки кокошки во земјава варира од 800 илјади до 1 милион, а годишното производство на јајца е околу 180 милиони парчиња. Во земјава има околу десет големи фарми (кои чуваат околу 37 проценти од вкупниот број на несилки) и многу средни фарми во фамилијарна сопственост (кои одгледуваат околу 63 проценти од несилките), како и домашна живина.

Живинарите се согласуваат дека имаме можности да произведеме доволно за да ги покриеме потребите на домашниот пазар. Од друга страна, прогнозите за пилешкото месо не се поволни и за наредниот период.

– Годишно трошиме по 40 милиони долари за увоз на пилешко месо и тој тренд не се намалува. Има сè помалку фарми за кокошки, а секторот се соочува со недостиг од работна сила – вели Димески од „Наше пиле“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот