
Европа ќе се распадне само во главата на „евроскептиците“
Сите лудила, пљачки, насилства и закани што им ги пружија бизарните „патриоти“ на своите граѓани, денес со фенси-шменси термин го нарекуваат „евроскептицизам“. А денес, Мицкоски и Апасиев, не само што се евроскептици, туку се и антиглобалисти. Првиот притаено, а вториот отворено.
Прво беше релативно краткотрајна прошетка низ Европа, а веднаш потоа брза реконструкција во владејачката СДСМ. Човек ќе отиде на вулканизер, па работата типично ќе се одолговлечи, оти, нели, треба центрирање, потисна плоча, „сфеќички“, гуртни, бош-пумпа, серво-пумпа и останати „дребулии“, а за тоа време Заев ќе ја пропатува половина „континентална“ Европа, па ќе компонира и рекомпонира, ќе додава нов дух и енергија во социјалдемократската партија. Не знам од каде толкава енергија, ама велам, просечен човек ќе заглави цел ден на вулканизер, а Заев за тоа време ќе помине Брисел – Мадрид – Атина, ќе реновира и декомпонира „брже, јаче, боље“ (Кесиќ).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На другата страна од планетата Македонија, нашите „патриотски гуланфери“ ќе речат: „СДСМ почнува да се претвора како во времето на Груевски“, или, пак, кога ќе ги слушнеш оние пивски филозофи како ти велат: „Македонија нема да влезе во ЕУ уште многу, многу години“. И не само што не им е мрско тоа што го велат, дури би рекол дека се работи за жалење одошто за констатација. Имате и некои бизарни дискурси на нашите мислители од нашите подруми кои велат: „Ќе влеземе во Европа, ама до тогаш таа можеби ќе се распадне“.
Може вие сосема слободно да се чудите на ваквиот неконвенционален став, ама работите треба да се гледаат „длабински“, низ суптилна интеракција на нашите брилијантни теоретичари од „прдни-па-повлечи“ академии. Имено, вистина е дека не може да се проникне во наративот дека европската скаламерија ќе се распадне, така што нивното „тропање“ е невтемелено. Меѓутоа, возможно е Европската Унија да се распадне, ама исто така возможно е да се распадне и планетата Земја, а може да се распадне и сончевиот систем каков што денес го познаваме, а се чини дека и космосот е конечен, а по неколку милиони години земјата извесно е дека нема да може да ја препознаете… На крајот на краиштата, еден ден ќе исчезне и Млечниот пат, таа форма се нарекува „раскапување во ништожност“.
Од супериорна позиција на вечноста, бизарните патриоти се во право. Од супериорна позиција на вечноста, ЕУ е привремен проект, а како таква, не вреди ниту пет минути да се занимаваме со неа, бидејќи не само што нашата позиција е патриотска, туку е и небесна, бајковита, чудествена.
Ајде сега доста зафрканција, да преминеме на сериозни работи. Откако знам за себе, а сè освен себе набљудувам „политички“, Груевски и сите негови „лабораториски јогурти“, Европа отсекогаш ја протерувале од своите хоризонти на мислење и вреднување како некаква досадна мува со зборовите: ние нема таму да одиме набргу, Европа за нас е премногу далеку, така што нема потреба да се трошиме на тоа. Денес сите тие аналитичари, мислители, новинари, практично ги повторуваат мантрите на Груевски. Но овде во суштина се работи за една банална манипулација; друга работа е што нејзината баналност не значи нужно и неефикасност, туку напротив. Ајде да видиме за што тука се работи, драг мој Вотсоне!
Оние кои ја владееја Македонија во изминатата декада, тој патриотски радикален башибозук, целта им беше Македонија да ја изместат од матичниот континент (а со тоа и од матичната планета); помина извесен број на години, Македонија бавно и несмасно се отплеткува од тие срамни јасли и несреќи, а политиката на „малиот, смрдлив и потконтинентален фашизам“, па посака самата да се апдејтира, да му се прилагоди на некаков бизарен „Новоговор“, а на себе да ампутира некаков фенси-наслов што го собрала попат.
Сите лудила, пљачки, насилства и закани што им ги пружија бизарните „патриоти“ на своите граѓани, денес со фенси-шменси термин го нарекуваат „евроскептицизам“. А денес, Мицкоски и Апасиев, не само што се евроскептици, туку се и антиглобалисти. Првиот притаено, а вториот отворено.
Што значи ова во македонски превод: да влеземе вакви какви што сме и уште да ни се воодушевуваат. Што во дополнителен превод би значело: да не влеземе никогаш, ама тоа да излезе дека ние сакавме, ама душманите не ни дадоа; супер, ете ни го новиот разлигавен и самооплакувачки наратив, а може да ни потрае следните десет години, барем додека не смислиме нов!
А што се однесува до СДСМ и нејзиниот лидер Заев, тие стојат на истата добра точка во која се најдоа уште од времето на „шарените“ до денес. Преку груевистичката дегенерација, СДСМ денес изгледа сосема пристојно и „нормализирано“. И што е најважно: победува. По сè изгледа, така ќе биде и на следните локални избори. Попатно, нивниот стратешки и вредносен пат се реформите и европеизацијата, а мене лично сосема ми е неважно кој-од-каде прерипал на нова функција во партијата, сè додека го држи истиот курс на мир, пријателство, плуралност и слобода во најширока смисла на зборот. Во конечноста, ниту нешто друго сакам од СДСМ, ниту нешто друго од неа очекувам.
А, што да кажеме за оние кои ни дишат во врат, тие кои направија сè Mакедонија да ја оддалечат од Европа („како метафора“, нели?), и кои совршено празно ломотат на телевизиските кутии: Европа е далеку, ние треба да си ги гледаме нашите работи. А кои се тие „работи“ кои ги возат мицковистите и тие патриотски несреќи: во економија: лева рака – десен џеб; во културата: плукни на дланка и заплачи; во политика: закани се, замешај, па истури. Ако беа само малку чесни, ова би требало да им бидат предизборни слогани!