Бојан Маричиќ - Вицепремиер за европски прашања / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

ЕУ преку ИПА-фондовите вложи во Македонија повеќе од 812 милиони евра во последниве 17 години

Европската Унијата преку ИПА-фондовите за 1.855 проекти кои биле реализирани во земјава од 2007 година до сега, има издвоено повеќе од 812 милиони евра. Од нив, 34,2 отсто се наменети за општински проекти, а другите се на национално ниво, покажуваат податоците на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), објави ММС.

Најмногу проекти – 922 – се реализирани во секторот „образование, вработување и социјални политики“, но највеќе пари се слеале во областа на транспортот. Токму таму се инвестирани над 223 милиони евра. Веднаш по него е заштитата на животната средина, сектор во кој се инвестирани повеќе од 122 милиони евра, а 121 милион евра чинеле проектите за демократија и владеење.

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во земјава и на нејзиниот пристапен процес

По региони, највеќе пари преку ИПА- фондовите се слеале во Вардарскиот Регион. По него следуваат Пелагонискиот и Скопскиот Регион. Вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и национален ИПА-координатор, смета дека со помош и соработка на сите членки на ЕУ, државава може да се трансформира во поубаво место за живвеење, но сепак сѐ зависи од нашите капацитети.

– Граѓаните на земјите членки на ЕУ со тоа покажуваат за степенот на свест и желба за придонес кон земјите кандидати за влез во Европската Унија. Одговорноста и детерминираноста која ја покажуваат нашите европски стратешки партнери треба да се сфатат сериозно. Преземањето одговорност од наша страна е и еден од најважните чекори за успешна реализација на евроинтегративниот процес, а тој се реализира преку свесно превземање на обврските и фокусирана работа од наша страна – истакна Маричиќ.

На значењето на поддршката од ЕУ не само преку финансии, туку и преку експертиза, укажа и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Тој порача дека унапредувањето на системот на локалната самоуправа е директно поврзан со интегрирањето на европските стандарди за одржлив социоекономски развој.

– Во претстојниот процес на интегрирање во Европската Унија улогата на локалните власти станува сè поголема. Во услови на децентрализиран систем на управување на локално ниво ќе се имплементираат голем број закони, кои ќе инсистираат на повисоки стандарди на услуги, како, на пример, во областа на животната средина, во управувањето со отпадот. Општините ќе треба да покажат и поголема капацитетност во апсорпцијата на ИПА-средствата од ЕУ – посочи министерот Пенов.

Тој ја истакна и поддршката на општините преку буџетските развојни програми во чии рамки на годишно ниво се финансираат проекти за подобрување на комуналната, патната и социјалната инфраструктура.

Според податоците за 2023 година, Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој преку буџетските програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите финансирале 135 проекти во општините и во планските региони. Практично, на овој начин се инвестирани 850 милиони денари или повеќе од 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, за опремување на комуналните јавни претпријатија, управување со отпад, регулација на речни корита и други приоритетни прашања за граѓаните.

Во претстојниот период најголем дел од општините низ целата држава треба да реализираат нови проекти, меѓу кои и изградбана нови спортски објекти, здравствени, но и образовни институции. Ова го предвидува одлуката која ја донесе Владата на седница на крајот од изминатата година. Владата одлучи да пренамени буџетски средства во износ од две милијарди денари за реализација на 66 проекти во повеќе општини, меѓу кои Град Скопје, Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.

Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. Со средства од Министерството за образование и наука, пак, ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.

Ќе се градат и нови градинки со средства од Министерството за труд и социјална политика кое, меѓу другото, со износ од 60 милиони денари ќе ја поддржи изградбата на нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на градинката „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот