Фото: pravdiko.mk

ЕУ му одговори на Мицкоски за платите на судиите: Владата мора да овозможи соодветно финансирање

Буџетот за правосудството мора да биде доволно голем за системот да функционира ефикасно и независно, велат за „Слободен печат“ од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Оттаму истакнуваат дека утврдувањето на буџетските средства и платите е одлука на властите, но тие се должни да го почитуваат националното законодавство и да обезбедат соодветно работење на правосудниот сектор.

„Извештајот на Европската комисија за проширување за 2024 година ја нагласи потребата од обезбедување доволно ресурси и финансиска независност на правосудството“, се вели во одговорот од Делегацијата на ЕУ.

Според најавите, буџетот за судството треба да изнесува 0,8% од БДП, а за обвинителството 0,5%. Сепак, кај власта има резерви околу распределбата на толкави средства, со образложение дека довербата во институциите е ниска, а корупцијата меѓу поединци во обвинителството и во судството сè уште е присутна.

Во рамките на Планот за раст се предвидува усвојување на шест закони за правосудството по изборите, кои, според ЕУ, треба да бидат во согласност со препораките на меѓународните организации.

„Го поздравуваме најавеното усвојување на шест судски реформи до крајот на годината, во согласност со реформската агенда. Ги охрабруваме властите да ги земат предвид препораките на ЕУ и Венецијанската комисија за тие да бидат усогласени со меѓународните стандарди и пракси“, додаваат од Делегацијата на Европската Унија.

Повод за реакцијата е неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека нема намера да го спроведува барањето од ЕУ да им се зголемат буџетот и платите на судиите иако тоа е дел од Реформската агенда за која власта треба да испорача резултати до декември.

Според Мицкоски, судиите не го заслужуваат ни тоа што го добиваат, иако во моментов судиите добиваат помали плати од тоа што е утврдено со закон.

Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот