
ЕУ бара 19 милијарди долари за покривање на украинскиот буџетски дефицит во 2026 година
Европската Унија се соочува со итна потреба од нови извори на финансирање за да го покрие очекуваниот буџетски дефицит на Украина од 19 милијарди долари во 2026 година, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори во Европската комисија.
Препорачано
Според информациите, во рамките на ЕУ се разгледуваат неколку опции, меѓу кои се директна воена помош преку вонбуџетски грантови, однапред одобрени заеми како дел од програмата на Г7 вредна 50 милијарди долари, како и активирање на дел од замрзнатите руски државни средства.
Иако Украина веќе доби значајна финансиска поддршка од меѓународните партнери, продолжувањето на војната и неизвесноста околу економската стабилност отворија нова буџетска празнина.
ММФ предвидува дека Киев ќе може да ги покрие своите потреби следната година, но тие прогнози се базирани на претпоставка дека војната ќе заврши до крајот на 2025 или средината на 2026 – сценарио кое сè повеќе се доведува под прашање во Брисел и Киев.
„Постои растечка загриженост за следната година. Многумина кои сметаа дека ќе има договор за прекин на огнот оваа година сега мора повторно да ги пресметаат трошоците“, изјави висок функционер на ЕУ вклучен во разговорите со украинските власти.
Очекувањата се дека на претстојниот самит за помош на Украина, што ќе се одржи оваа недела во Рим, ќе се донесат конкретни одлуки во врска со идното финансирање. На самитот ќе присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.