
Етничката припадност може да биде проблем при електронски попис
Засега никој не може да објасни како при електронски попис граѓаните ќе ја декларираат етничката припадност, бидејќи неа ја нема во податоците на институциите, освен во личната карта, а етничката припадност е чувство за кое лицето треба да биде прашано
Владата наголемо се подготвува следната година да спроведе вонреден попис на населението, потврди за Слободен печат“ министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Дали ќе има ново пребројување на населението на пет, наместо на 10 години, како што е според светските стандарди, ќе зависи од тоа дали за тоа ќе се постигне политички договор. Во прилог на намерата на Владата за вонреден попис е и одлуката на Уставниот суд од пред два дена, кога беа укинати делови од методологијата за пописот од 2021 година кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“ население, за кои сметаат дека не се во согласност со владеењето на правото. Премиерот Христијан Мицкоски можноста за вонреден попис ја најави на седницата за пратенички прашања, во контекст на одлуката на Уставниот суд. Мицкоски навести и можна кривична одговорност на претходната владејачка гарнитура за незаконски спроведената методологија на пописот.
Препорачано
Работна група од десетина институции

– Со одлука на Владата од пред два месеца, дадена му е обврска на Министерството за дигитална трансформација да формира работна група од десетина институции, меѓу кои Државниот завод за статистика, соодветни министерства, како што е МВР, потоа Управата за водење матични книги… да создаде технички и законски можности и доволно интероперабилност на податоци за да може да се организира електронски попис. Според светските стандарди, организирањето на попис е на 10 години. Нашата задача, според програмата на Владата и според изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, е да бидеме како институции подготвени доколку се појави потреба за организирање вонреден попис во 2026 година. Веќе се побарани номинации од сите институции за учество во работната група, но поради одморите, дел од претставниците на институциите недостигаат. Првите состаноци очекуваме да ги одржиме во текот на летото. Според тоа што го кажа премиерот, ако постои потреба за прочистување на податоците и ако се нафатат сите политички чинители, институциите треба да бидат подготвени пописот да го спроведат – вели Андоновски за „Слободен печат“.
Премиерот потврди дека се во тек подготовки за вонреден попис следната година, но и тој потенцира дека за тоа е потребна согласност од партиите, бидејќи одлуката се носи во Собранието.
– Бидејќи методологијата на пописот е оспорена, најбрзо што можеме да направиме е електронски попис според правилата на Евростат, а тоа се знае како се прави. Има десетина референтни бази на податоци, тие се вкрстуваат и даваат податок. Има одредени параметри коишто не можат да се вкрстат, тоа се околу 10 проценти, и тие домаќинства теренски се посетуваат и попишуваат. Така функционира според Евростат и насекаде во Европа. Само кај нас пописот се претвори во политичка алатка, иако и тогаш и сега тврдиме дека ова е техничка операција и да не ја поврзуваме со политички работи – рече Мицкоски.
Премиерот и вицепремиерот побараа политичка и кривична одговорност за пописот од 2021
И премиерот и вицепремиерот Арбен Фетаи побараа не само политичка, туку и кривична одговорност за незаконски спроведениот попис, зашто е оштетена државата. Мицкоски рече дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност зашто државата се развива на основа на лажни податоци.

– Државата треба да ја развиваме на основа на вистински податоци. Седнале двајца-тројца, се договориле пиши-бриши и завршена работа. И сега, ние треба да пресметуваме солидарен данок, е-фактура, методологија, балансер, Бадентер. Навистина се случувале некои чудни работи, се темелеле на ништо, на ветер и магла. Опозицијата ни остави опашки што ние треба да ги решаваме – рече Мицкоски.
Тој објасни дека методологијата од минатиот попис е укината, дека не важи и кога ќе има следен попис, ќе треба нова методологија.
– Редовните пописи се во првите две години од почетокот на декадата, но ако некој се сомнева и има политичка волја, тогаш може и сега да направиме, зашто некој повторно се обидува да ги злоупотребува чувствата на граѓаните со политички пораки – рече Мицкоски.
Извори од Владата велат дека ако се оди на вонреден електронски попис, откако тоа ќе се спроведе на 10 до 20 отсто од попишаните, се прави проба на терен дали податоците се согласуваат или не. Засега никој не може да објасни како при електронски попис граѓаните ќе ја декларираат етничката припадност, бидејќи неа ја нема во податоците на институциите, освен во личната карта, а етничката припадност е чувство за кое лицето треба да биде прашано. За ова, според информациите, можно е да се искористи одредбата од законот за правична застапеност, зашто тој ги третира заедниците, но во контекст на вработувањата во администрацијата. Податокот за етничка припадност единствено се декларира во личната карта. Најверојатно тоа ќе треба да го разреши работната група. Законот за правична застапеност може да биде модел како да се најде решение, но според нашите соговорници, за сензитивните детали сè уште не е разговарано.
ВМРО-ДПМНЕ електронски ќе попишува за да добие реален балансер
Според извори во Владата, владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди начелно разговарале за спроведување вонреден попис. Од Вреди се внимателни и, како што велат, „битни се деталите, зашто ѓаволот е во деталите“.
Вицепремиерот Фетаи рече дека одлуката на Уставниот суд била очекувана и посочи дека пописот од 2021 година бил неуставен и незаконски.

– Пописот беше неуставен и незаконски. Ова не беше изненадување за нас и сме кажале дека ДУИ имаше мисија да ги саботира пописите на населението – во 2011 година, заедно со Груевски, го саботираа тогаш пописот, предизвикувајќи штета во буџетот од три милиони евра, а со пописот во 2021 година сакаа да го намалат бројот на Албанците, создавајќи ја категоријата „нерезидентни“. Има неколку дилеми и прашања. Првата – врзаниот потпис на претставникот на ДУИ во Заводот за статистика Илми Селами, кој за оваа услуга беше награден со ветување дека ќе стане амбасадор, но ние го спречивме. Тој даде отчет за кршење на Уставот и законот. Очекуваме кривична одговорност поради врзаниот потпис – рече Фетаи.
Тој нагласи дека со сите пропусти во пописот на населението, во однос на донесувањето политички одлуки, за распределбата на фондови ќе се земаат предвид резултатите од пописот.
Уставниот суд укина делови од методологијата за Попис на населението од 2021 година, а кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население што беа воведени при последното пребројување на населението во земјава. Судиите на Уставниот суд, одлучувајќи по иницијативата поднесена од пратеникот на опозициската коалиција „Европски фронт“ Скендер Реџепи, оцениле дека ваквата категоризација не е во согласност со темелните вредности на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот.
Според Уставниот суд, директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.