
Естонија воведе санкции против Додик и на уште еден проруски политичар од Молдавија
Естонија денес воведе санкции врз неформалниот српски лидер во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, и проруската молдавска политичарка Ирина Влах, за водење сепаратистичка политика во тие земји.
Препорачано
Информацијата ја сподели министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, на својот X профил.
„Естонија нема да ги толерира оние кои го поткопуваат суверенитетот и го поттикнуваат сепаратизмот. Воведуваме санкции врз Ирина Влах и Милорад Додик. Нивните активности ги кршат нормите на меѓународното право и го загрозуваат мирот и безбедноста“, се вели во соопштението.
Тој не разјасни други детали од одлуката, пишува Index.hr.
За три дена има парламентарни избори во Молдавија
На овој начин, Естонија им се придружи на Словенија, Германија и Австрија, кои исто така воведоа санкции врз Додик, наведувајќи напад врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Додик е на „црната листа“ на американската администрација од 2017 година, а тие санкции беа продолжени во 2022 година врз основа на тоа што го крши Дејтонскиот мировен договор.
Санкциите против Ирина Влах, проруска политичарка, доаѓаат пред парламентарните избори во Молдавија во недела, кои би можеле да ја одредат судбината на нејзината кандидатура за членство во Европската Унија. Москва се обидува да спречи таков развој на настаните.