
ЕСМ врие од огласи, се нудат повеќе од 400 вработувања
Од ЕСМ тврдат дека кадарот им е неопходен затоа што од почетокот на 2020 година до крај на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1.190, од кои над 76 проценти биле со работни места во производствениот процес
Повеќе од 400 вработувања, во неколку наврати, досега објави ЕСМ. Се бараат најразлични кадри, од хигиеничари до инженери. Основните плати со основно училиште почнуваат од 25.000 денари, а инженерските се над 50.000 денари. Голем дел од вработувањата се во РЕК Битола.
Препорачано
Огласите го привлекуваат вниманието на јавноста и вообичаено се коментира дека пред избори државните компании се јасли за партиски вработувања. Сепак, од ЕСМ тврдат дека кадарот им е неопходен затоа што од почетокот на 2020 година до крај на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1.190, од кои над 76 проценти биле со работни места во производствениот процес, а над 23 проценти административни работни места.
– Најголем процент од оние кои заминале, беа по основ одење во пензија, но и поради други причини, вклучувајќи го и заминувањето во приватниот сектор – велат од ЕСМ.
Оттаму велат дека потребите за производство на електрична енергија се исти, но бројот на вработени е значајно намален.
– Во изминатата година кога се соочивме со енергетската криза, се почувствува сериозна потреба за нови вработени особено во делот на производство на електрична енергија. Потребите за електрична енергија се исти и производството е потребно да продолжи со исто темпо, да остане сигурно и стабилно, а за тоа се потребни стручни лица што ќе го овозможат тоа. АД ЕСМ има најголема потреба од вработени во производствениот процес и друг помошен кадар, токму затоа над 87 проценти од огласите за вработување се однесуваат на ваков кадар, само 12 проценти се однесуваат за работни места во административниот дел, но во функција на производствениот процес – одговорија од ЕСМ на прашањето од каде одеднаш се појави толкава потреба од нови вработувања.
Она што може да се забележи како специфика во огласите е дека за сите позиции се бара работно искуство, најчесто една година, а во одделни случаи и две години. Зошто е поставен тој услов, дали можеби веќе има вработени на одредено време на одделни позиции, од ЕСМ не добивме одговор.
Освен ЕСМ, вработувања се нудат и во разни агенции, во министерства, општини, училишта, здравствени домови… Некои се и многу примамливи, како, на пример, помлад соработник за внатрешна ревизија со универзитетско образование во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) а каде што основната нето-плата е 62.415 денари, но факултетското образование во Агенцијата за поттикнување развој на земјоделството се цени со половична плата од онаа во АЦВ. Триесетина работни позиции отвори и Фондот за здравствено осигурување, а се нудат вработувања во многу градови низ државата на разни позиции – соработник за комплетирање документација, за информатичка поддршка, за спроведување финансиски процедури… За повеќе градови Државниот пазарен инспекторат бара помлади инспектори, а се бараат и административни работници. Работа има и за медицинскиот кадар, огласени се позиции во повеќе здравствени домови низ државата.
На новинарско прашање од каде одеднаш толку многу огласи, министерот за информатичко општество и јавна администрација Азир Алиу изјави дека треба да се земе предвид дека веќе има тренд на заминување на вработени од јавниот во приватниот сектор, а и дека има многу пензионирања.
Во јавниот сектор на Република Северна Македонија активни се 1.354 институции, во кои работен однос имаат засновано 129.374 лица. Просечната возраст на вработените изнесува 46,03 години, кај жените просекот е 45,24 години, додека кај мажите 47,04 години.
Во 2021 година, пак, во јавниот сектор имало 132.088 вработени, што значи дека за една година нивниот број се намалил за 2.714.