
Епскиот криминал на Мицкоски остана во бегство или на слобода
Властите го повикуваа Груби да се врати, но повеќе од седум месеци трае неговата приватна посета, а тој не се враќа дома, иако така вети. Институциите пак уште истражуваат и нема никакво обвинение за Груби.
Индициите и доказите за епски криминал што го сторила минатата власт на чело со СДСМ и ДУИ, за кои зборуваше премиерот додека беше во опозиција, но и откако дојде на власт и најавите за безмилосна борба против криминалот и корупцијата кои беа најгласни во пресрет на парламентарните и претседателски избори, ја дочекаа кампањата и за локалните избори без уапсени високи функционери од минатата власт.
Препорачано

Главното име на кое се базираше кампањата за минатите избори, поранешниот вицепремиер Артан Груби е во бегство и не седна на обвинителна клупа за две постапки што се водат против него, а неговата партија на овие локални избори се бори да издејствува и предвремени парламентарни избори. Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и неговиот близок соработник Венко Филипче кој ја презеде партијата, власта единствено ги објавува на фотографии во Дубаи и на јахта во Грција.
Властите го повикуваа Груби да се врати, но повеќе од седум месеци трае неговата приватна посета, а тој не се враќа дома, иако така вети. Институциите пак уште истражуваат и нема никакво обвинение за Груби.
Според Обвинителството, првоосомничениот Перпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“ на 09.05.2023 година електронски до Владата на РСМ во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ-терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.
Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа.
Сè уште трае истрагата за него и за судијата Енвер Беџети која Обвинителството ја отвори откако двајцата беа ставени на црната листа на Стејт департментот. Груби и Беџети се најдоа на црната листа поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за масовното прислушување.
Груби и Ковачевски во бегство
Во бегство е уште и Васко Ковачевски, првиот човек на РЕК Битола, а потоа на ЕСМ, две клучни институции во секторот енергетика, а премиерот Христијан Мицкоски уште како мандатар на владата најави истраги за овој сектор. Засега за овој епски криминал, како што го нарекуваше Мицкоски, има отворено само една истрага за злоупотреба со местење тендери за коишто државата е оштетена за 6,5 милиони евра. На главниот осомничен ќе му се суди во отсуство за овој случај познат во јавноста како „Адитив“.
Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат и поранешниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.
Сè уште во тек е и истрагата за злоупотребите со зделките од над 160 милиони евра за мазутот за ТЕЦ Неготино во која е осомничен и Ковачевски, а обвинетите Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски и сопственик на „Пуцко петрол“, Ратко Капушевски, сопственикот на РКМ, компанија која ги добиваше јавните огласи за набавка на мазут и Ерџан Сулкоски кој беше сопственик на „Пацифик петролеум“ не се веќе зад решетки, се бранат од слобода, а само Капушевски е во домашен притвор.
Освен што не се докажа епскиот криминал туку компанијата „Маркоски“ за која ВМРО – ДПМНЕ додека беше во опозиција ја обвинуваше за историски криминал со тендерите, продолжи да добива тендери од РЕК Битола. За ова реагираа и од „Левица“.
– Продолжува праксата на делење тендери на компаниите кои ВМРО-ДПМНЕ во опозиција ги обвинуваше дека се во криминална шема со СДСМ и ДУИ. Таков е случајот и со познатата битолска фирма „Маркоски“, која само во последните 4 месеци од минатата година, од РЕК Битола добила тендери во вредност од 2,5 милиони евра. Кога беше опозиција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски обвинуваше дека се случува историски криминал со тендерите кои „Маркоски“ ги добива од СДСМ. Додека Николоски на прес-конференции прашуваше колку провизија од тендерите завршува кај тогашната власт на СДСМ и ДУИ, денес токму новото раководство на ЕСМ со директорот Лазо Узунчев дели тендери на оваа компанија. За криминалот со ископот на јаглен во РЕК Битола нема никаков судски епилог, туку токму тогашниот подизведувач на компанијата ,,Маркоски, охридската фирма ,,Топлина”, денес ги добива милионските тендери за ископ на јаглен. Ова не е прв случај каде тендери добиваат фирми кои ВМРО-ДПМНЕ ги обвинуваше за криминал. Ист е случајот и со фирмата ,,Стентон градба”, која доби рекорден тендер од 2,3 милиони евра од министерството за транспорт, токму истата компанија за која ДПМНЕ го повикуваше обвинителството да отвори истрага – реагираше Левица.
Засега не се докажа ниту вмешаноста на семејството Заеви ниту во случајот со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за кого ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека се работи за бизнисмен близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и оти неговиот хотел Вила Парк во Струмица е „омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет“.
Виновно е Обвинителството?
Обвинителството отвори истрага за случајот со Крмзов во кој се осомничени 23 луѓе и 15 фирми кои имале меѓусебни деловни односи. Се сомничат дека го оштетиле буџетот за над 90 милиони евра, а од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ.
„Кралот на текстилот“ Крмзов осомничен за епски економски криминал
Мицкоски на брифинг со новинарите обвинуваше и дека Васко Ковачевски барал 250 илјади евра рекет од битолската фирма „Рубитон“ која добила тендер за ископ на јаглен, сума која во кеш било договарано да ја земе братот на премиерот, Вице Заев – тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој обвинува за мега афера, но ниту за братот Заев во јавноста не се знае дека за него има некаква истрага.

За застојот во борбата со најавуваниот криминал свесен е и премиерот, но за тоа според него виновно е Обвинителството на чело со републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, за кого владата сепак не ја продолжи постапката за негово разрешување иако му беше изгласана интерпелација.
-Институциите преземаат мерки, доставуваат пријави, но треба Обвинителството да преземе. Тоа е суштината. Не можете вие со ова Обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Може да ги набројам можеби 100, 200 пријави од страна на институциите кои се доставени до Обвинителството, таму нема никаков резултат така што треба Обвинителството да преземе – изјави Мицкоски.
Мицкоски: Не може да се очекуваат резултати со овој обвинител во борбата со криминалот
Собранието на 29 јули годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица. Заклучокот требаше да се достави до Владата и државниот обвинител, но Коцевски ќе го води Обвинителството сигурно додека завршат изборите.