
Епидемија на шап и лигавка во Унгарија, прва по 50 години
Случај на шап и лигавка е откриен на фарма во Унгарија во близина на границата со Словачка, соопштија денеска здравствените власти, што е прв случај на оваа вирусна болест регистриран по 50 години.
Препорачано
„Типични симптоми на болеста беа забележани на почетокот на март на фарма со 1.400 животни“ лоцирана во село во северозападна Унгарија, соопшти Националната управа за безбедност на храната.
Лабораториските тестови ја потврдија инфекцијата и беше дадена наредба за убивање на стадото. Преземени се „многу строги мерки“ и во тек се истраги за откривање на изворот на болеста и „спречување какво било ширење“.
Вирусно по потекло, оваа епизоотска болест, која е многу заразна за животните, но безопасна за луѓето, се појави во близина на Берлин во јануари, за прв пат во земја членка на Европската унија од 2011 година. Германија продолжува да продава месо произведено надвор од ризичните зони во Европа, но продажбата надвор од ЕУ зависи од трговскиот договор што го потпишува со секоја земја.
Обединетото Кралство го прекина увозот на говеда, свињи и овци, додека Јужна Кореја и Мексико исто така најавија ограничувања.
Во 2001 година, до 10 милиони животни беа заклани во Обединетото Кралство во епидемија на шап и лигавка што ја чинеше британската економија речиси 10 милијарди фунти.
Друга епидемија на шап и лигавка ја погоди земјата во 2007 година и стотици животни беа заклани во Бугарија во 2011 година, што е последен познат случај во ЕУ, според Светската организација за здравје на животните (WOAH).