Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје Македонија
Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

ЕПИ: Граѓаните ги поддржуваат евроинтеграциите, но не се доволно информирани за надворешната политика

Според анкетата на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, 58,4 отсто од анкетираните граѓани целосно ги поддржуваат интеграциите на земјата во ЕУ, со дополнителни 18,4 проценти кои рекле дека главно го поддржуваат членството во Унијата. Од друга страна, 11,6 отсто до граѓаните рекле дека воопшто не ги поддржуваат европските интеграции. Слични се резултатите и со поддршката за НАТО, каде што 58,6 отсто од граѓаните рекле дека целосно го поддржуваат членството во НАТО, со дополнителни 16 проценти кои главно го поддржуваат, наспроти 11,4 кои воопшто не го поддржуваат членството на земјата во Алијансата.

Граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот секојдневен живот, но сложеноста на дипломатските преговори, меѓународните договори и стратешките сојузи обично се надвор од секојдневните искуства и грижите на обичните граѓани, што им отежнува целосно да ги сфатат или да се чувствуваат поврзани со овие прашања.

-Првичната анкета беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник од целата држава, додека дебатниот настан се одржа во Скопје со 135 испитаници. Избраните 135 граѓани учествуваа на дводневен настан, каде што се информираа на темите, дискутираа помеѓу себе и поставуваа прашања на панел-дискусии составени од експерти, по што повторно ја пополнија истата анкета – велат од ЕПИ.

По дебатата, имаше забележлива промена во перцепцијата. На скала од 1 до 10, оценката за влијанието на надворешната политика врз секојдневниот живот порасна од 5,78 просечна оценка пред дебатниот настан на 7,04.

-Значителни промени во двете анкети се забележуваат за прашањата поврзани со познавањето на процесите на надворешната политика, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика и односите на Република Северна Македонија со НАТО. На прашањето за конкретни пресвртници во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, на пример кога земјата доби статус на кандидат и кога почна скрининг-процесот за пристапување во ЕУ, значителен број учесници правилно ги идентификуваа овие настани. Дебатата имаше позитивен ефект врз зајакнувањето на знаењето за овие пресвртници, со благо зголемување на точните одговори потоа – се додава во соопштението.

Фото: ЕПИ

Сличен ефект имало и познавањето на односите на земјава со НАТО.

Првично, како што наведуваат од Институтот, граѓаните не биле сигурни околу годината кога Македонија официјално влезе во НАТО. По дебатата, знаењето значително се подобрило.

85,9 отсто од граѓаните правилно ја идентификуваа 2020 година како година на пристапување. Дебатата, исто така, придонела за подобрување на знаењето за сегашното членство на НАТО, при што 85,9 проценти од испитаниците правилно го идентификувале бројот на земји-членки по дебатата, во споредба со 79,6 претходно.

-Дебатната анкета спроведена од ЕПИ покажа дека се потребни комуникациски стратегии што ги преточуваат надворешнополитичките одлуки во нивните практични влијанија врз секојдневниот живот на граѓаните. Нагласување на тоа како меѓународните напори, како што се интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО, влијаат на економските можности, безбедноста и социјалните услуги. Потребни се јавни консултации и едукативни кампањи што се сосредоточуваат на конкретни прашања од надворешната политика што директно влијаат на граѓаните – се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот