Ема Вотсон и Џеј Шети / Фото: Инстаграм/Џеј Шети

ВИДЕО | Ема Вотсон проговори за разидувањето со Џ. К. Ролинг: „Она што најмногу ме боли е што разговорот никогаш не се случи“

Британската актерка Ема Вотсон, која ја стекна светската слава со улогата на Хермиона Гренџер во осумте филмови од серијалот „Хари Потер“ (Harry Potter), по седум години пауза од глумата, гостуваше во поткастот „On Purpose“ со Џеј Шети.

Во интервјуто отворено зборуваше за својата комплицирана врска со авторката на славната франшиза, Џ. К. Ролинг.

Последниве години, Вотсон се дистанцираше од писателката поради нејзините ставови за трансродовите лица. Во 2020 година, кога Ролинг предизвика бурни реакции со серија твитови и есеј од 3.600 зборови, Вотсон јавно ја поддржа транс заедницата, порачајќи: „Транс луѓето се оние за кои велат дека се и заслужуваат да живеат без постојано доведување во прашање или негирање на нивниот идентитет“.

Водителот Џеј Шети ја потсети актерката на изјавата на Ролинг дека „никогаш нема да ѝ прости“ и дека таа и дел од актерите од „Хари Потер“ сега ѝ ги „рушат“ филмовите.

Руперт Гринт, Ема Вотсон и Даниел Редклиф во 2005 година / Фото: EPA/SIMON CZAPP

На тоа, Вотсон искрено одговори.

„Не верувам дека моите погледи и поддршката што ја давам значат дека не можам да го ценам искуството со Џо. Никогаш нема да мислам дека едното го поништува другото. Се надевам дека луѓето кои не се согласуваат со мене ќе продолжат да ме сакаат, а и јас ќе продолжам да ги сакам нив“, изјави актерката.

Таа додаде дека најмногу жали поради тоа што разговорот со Ролинг никогаш не бил возможен.

„Да, и секогаш ќе бидам отворена за таков дијалог. Верувам во тоа целосно“, нагласи Вотсон.

Вотсон призна дека иако ѝ недостига уметноста, одморот ѝ донел мир и стабилност.

„Можеби сум најсреќна и најздрава досега. Не ми недостига продавањето и промоцијата на проектите – тоа ми беше разорно за душата. Но многу ми недостига користењето на моите вештини и самата уметност“, рече таа.

Ема Вотсон за повлекувањето од актерството: Не ми недостасува да продавам нешта, тоа беше разорно за душата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот