
Експертите се сомневаат дека ќе заживее „Отворен Балкан“, за три месеци само 62 Македонци се вработиле во Србија
Албанците или Македонците не се премногу заинтересирани да дојдат да работат во Србија, наместо во Германија, поради што иницијативата „Отворен Балкан“ нема да заживее во формата како што е замислена, оцени Зоран Михајловиќ, секретар на Советот на Сојузот на независни синдикати на Србија
Албанците или Македонците не се премногу заинтересирани да дојдат да работат во Србија, наместо во Германија, поради што иницијативата „Отворен Балкан“ нема да заживее во формата како што е замислена, оцени Зоран Михајловиќ, секретар на Советот на Сојузот на независни синдикати на Србија. Тој за „Политика.рс“, меѓу другото истакна дека слободниот пазар на труд во земјите на „Отворениот Балкан“ – Србија, Албанија и Македонија – на некој начин претставува брана за работната сила од регионот, за да не одат во Европа да работат.
Препорачано
Но, никој не може да ги спречи работниците од Албанија и Македонија да преземат таков чекор ако сакаат, оцени Михајловиќ. Инаку, во текот на целата минатата година, подрачните единици на Националната служба за вработување издале вкупно 99 работни дозволи на државјани на Албанија во Србија.
Постапувајќи според Законот за вработување странци, од почетокот на минатата година до 26 март годинава, на државјани на Македонија се издадени 556 работни дозволи. Во првите три месеци од годинава (од 1 јануари до 26 март) десет Албанци се вработиле во Србија, додека во истиот период таму се вработиле 62 Македонци.
– Ние не сме земја што е интересна за тие работници од материјален аспект. Традиционално, сите работници од овие области имаат тенденција да си заминат, а Индијците, Пакистанците, Филипинците и Непалците ќе продолжат да доаѓаат кај нас, бидејќи и онака тешко можат да стигнат до Западна Европа. Србија им е интересна, бидејќи во нивните земји, цената на работната сила е многу пониска, а од каде што се, нема работа за сите – посочува Михајловиќ.
Но, тој смета дека не е добро што Србија се празни, односно што локалната работна сила оди во странство, така што мора да се увезуваат странци.