Кривичен суд / Фото: МИА

Експертите поделени за повторените судења: Како неправедно осудените лица да дојдат до правда?

Судии, професори, адвокати, пратеници, невладини претставници, на јавна расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ги вкрстија аргументите „за“ и „против“ донесување на Законот за преиспитувње на факти и докази користени во судска постапка.

Според предлагачот, претседателот на ДС и пратеник Павле Трајанов со Законот не се бара амнестија, аболиција или помилување, туку овозможување на фер судење на неосновано осудените лица да дојдат до правда.

-Предлагаме постапката да почне од нов главен претрес, при што треба да бидат исполнети неколку предуслови. Меѓу нив се, повреда на начелото на презумпција на невиност, користење на неовластени прислушкувани разговори, заштитен сведок кој во суштина бил лажен сведок, злоупотреба на АКМИС системот, ако е попречено правото на прибирање на докази и нивно презентирање, вели Трајанов.

Според универзитетскиот професор Борче Давитковски со Закон за повторување на судски постапки, на луѓето кои од политички и други причини биле осудени со правосилни пресуди, а не можеле да се бранат, ќе им се даде уште еднаш да ја докажат правдата.

-Уште додека бев член во Советот за реформи во правосудството, забележавме ваков закон, но Брисел ни го избриша. Ни ги остави Законите за лустрација и за Судски совет. Сепак сметам дека ако осудените имаат нови факти и докази тогаш треба да се преиспитаат пресудите. Ако со Закон се даде можност да се иницира повторување на постапка тоа не значи и сигурно поништување на пресудата. Така да не гледам пречка да не се усвои законот, дали во овие рамки како што е предложен или не, ќе видиме. Од 2000-та година па до денеска се случиле многу амнестии, помилувања и аболиции за луѓе кои ги прекршиле законите. Последна амнестија се предлага во Законот за легализација на дивоградбите. Зошто тогаш и овие луѓе да не добијат шанса, вели Давитковски за „Слободен печат“.

Од друга страна пак, универзитетската професорка по кривично-процесно право Гордана Лажетиќ, која е и претседател на Комисијата за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка, за „Слободен печат“ вели дека сите основи за повторување на постапката мора да бидат регулирани во Законот за кривична постапка.

-Треба да се најдат механизми, како повторувањата на судските постапки да се остварат преку Законот за кривична постапка. Се друго е вон систем и не може да вроди со плод. Мора да го почитуваме системскиот приод. Тоа значи дека заклучоците од јавната расправа, треба да бидат разгледани во рамки на Комисијата за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка и таму да се најде основ за евентуално преотварање на постапките. Се што е посебна регулатива вон Закон за кривична постапка, излегува надвор од системот на она што значи повторување во рамки на Закон за кривична постапка. Не мислам дека ова е патот по кој треба да се оди, бидејќи би било преседан, кој потоа може да се користи во различни други прилики, вели Лажетиќ.

Повторување на судски постапки бараат и 300 членови на Комитетот за заштита на правата со повредени права од страна на правосудниот систем. Судска постапка со нови докази, за „напревеното“ но не за тероризам во „крвавиот четврток“ побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

И шефот на државата Стево Пендаровски за луѓето што влегоа во Собранието рече дека не се терористи, дека 18 години казна се многу и е „за“ повторување на судењето, доколу има нови докази. За повторување на судска постапка со нови докази се и премиерот Зоран Заев и коалицискиот партнер Али Ахмети. За лидерот на ДУИ дури „упадот“ во Собранието не е терористичи акт, туку насилство врз пратеници, лидери и новинари.

Од друга страна пак судиите и обвинителите, сметаат дека со ваков закон се прави упад во судскиот систем. За тет-а-тет средбата Пендаровски – Мицкоски и изјавите по неа, шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска рече дека е недозволиво да коментираат судски одлуки во време кога државата се обидува да добие датум за преговори со ЕУ, бидејќи со своите несреќни изјави вршат директен политички притисок врз работата на судовите“.

За „27 април“ судот изрече вкупни затворски казни од 200 години. Подоцна Апелацискиот суд казните ги намали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот