
Екс-директорите на Онкологија Никола Васев и Нехат Нухи не се чувствуваат виновни за финансиски малверзации со биолошка терапија
Во Кривичниот суд Скопје денеска почна судењето против поранешните директори на Клиниката за онкологија доктор Никола Васев и Нехат Нухи за обвиненијата кои не се однесуваат на лекувањето на пациентите туку на економското работење на Клиниката – предмет „Онкологија 2“. Обвинителството ги товари Никола Васев и Нехат Нухи за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата. Тие се изјаснија за невини.
Препорачано
Според Обвинителството, Васев и Нухи со незаконски јавни набавки на лекови за кои немало согласност од Фондот за здравство, над дозволените буџетски средства и со злоупотреба на службената положба предизвикале огромна штета на буџетот на Македонија, во износ од повеќе од 2,2 милијарди денари.
Во обвинението се наведува дека откако Васев со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, во историите на пациентите кај кои е давана терапијата – дел од лековите фиктивно ги раздолжувал односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани. Обвинението содржи и навод дека двајцата екс-директори го злоупотребувале системот на реверси без правна основа, па така довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании, а потоа реверсите преку фиктивни јавни набавки биле верификувани. Така, според Обвинителството, Фондот за здравство бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски.
-Обвинетиот Никола Васев помогнат од обвинетиот Нехат Нухи со намера да влијае на количините на лековите кои се набавувале на Онкологија и да генерира залихи на лекови, дел од кои подоцна биле присвоени, за себе остварил имотна корист на начин што не ги унапредил дијагностичко-терапевтските постапки и квалитетот на здравствените услуги, не иницирал носење медицински протоколи за да се воспостават правила и критериуми што треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија и при одобрување на терапиите не зел предвид дека Клиниката располага со доволни количини на лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата, рече обвинителката Ана Гоговска Јакимовска застапничка на обвиниението.
Таа истакна дека во текот на постапката Обвинителството ќе изведе материјални докази, финансиски извештаи, документација од јавни набавки и сведочење на службени лица со кои ќе се потврди, како што рече, дека обвинетите не постапувале во интерес на јавната установа и пациентите туку во свој личен интерес и во интерес на приватни компании. Исто така, според обвинителката, спротивно на законските прописи, без согласност на ФЗОМ и надвор од одобрениот буџет биле склучувани договори односно биле спроведени постапки со преговарање без објавување на оглас.
-Клиниката за онкологија е специјализирана установа за третман на најтешките пациенти со малигни болести каде обвинетите не ги прикажувале реалните медицински потреби и не ја следеле процедурата за јавни набавки под изговор дека постапуваат во интерес на пациентите, но на тој начин ги извршувале кривичните дела. Во оваа постапка ќе се докаже дека обвинетите со своите дејствија ја злоупотребиле довербата на граѓаните и на здравствениот систем и ја поткопале правната сигурност и јавниот интерес, рече Гоговска Јакимовска.

На судењето беше кажано дека при претрес во ќелијата во затвор Скопје каде во притвор е Васев, биле пронајдени 3 мобилни телефони, на што докторот истакна дека ниеден од нив не е негов. За предметот одлучува судечки совет на чие чело е судијката Славица Наумова Јосифовска.
Првообвинетиот, доктор Никола Васев рече дека не се чувствува виновен за кривичните дела што му се ставаат на товар. Второобвинетиот Нехат Нухи рече дека разбрал за што е обвинет, но во врска со тоа за кое се товари – апсолутно не се согласува. Тој рече дека неговата невиност ќе произлезе и од материјалните и од вербалните докази и на сите ќе им стане јасно колку многу пропусти има направено Обвинителството, додавајќи дека сите рокови за истрагата биле пробиени, вештачењето на Обвинителството е неточно и спротивно на законот и на вистината.
-Се чувствувам невин и истото ќе го докажам во оваа постапка, рече Нухи.
Адвокатот на Васев, Мартин Митревски на судењето рече дека без иронија се радуваат на оваа постапка, зашто после година и половина и неверојатни напори и обиди да бидат земени предвид нивните наводи и докази како одбрана, за првпат тие ќе имаат можност да бидат изведени како пред судот така и пред јавноста. Тој беше првиот, но не и единствениот адвокат на денешното судење што го спореше изготвеното вештачење против Васев и Нухи – затоа што го изготвиле поранешните директори на Клиниката за онкологија (поранешниот медицински директор на Онкологија доктор Милан Ристевски и поранешната економска директорка на Онкологија Елизабета Дамеска Јовановска).
-Морам да признаам дека излагањето на обвинителот звучи повеќе од страшно во апсолутно секоја смисла од секој поглед – правен општествен, социјален и човечки. Најискрено и ние кога наидовме на првичниот концепт како одбрана, запрепастени почнавме да талкаме по правдата и некако создадовме концепт на теорија на одбрана а во суштина треба да има концепт на теорија на докажување од страна на Обвинителството. Но ете го направивме и тој концепт и во континнуитет и со најголема почит кон Обвинителството а особено пациентите на онколошката клиника, баравме од ОЈО некои наводи да ги дополни, провери, обезбеди по службена должност, што не се случи. Така што, како што и тие велат дека се сигурни дека ќе докажат во постапката ваква страшна вина и одговорност против обвинетите ние сме исто така но врз основа на докази, апсолутно убедени дека ако се толкува адекватно кривичниот законик и правните норми во него, без исклучок во ниту едно од дејствијата што ќе произлезат од доказите преземени од страна на обвинетите во критичниот период – не може да опстојат постоечките правни квалификации за кои истите се обвинуваат, рече адвокатот Митревски.
Бранителката на второобвинетиот Нехат Нухи, адвокатката Анита Бегова, во воведниот говор рече дека обвинението е конфузно и влегло во сила зашто правниот лек „приговор на обвинителен акт“ не се прифатило, како што рече – како и во 99 проценти од случаите. Таа рече дека ќе понудат докази и сведоци со што ќе се покаже вистинската слика на Клиниката за онкологија – дека нејзиниот клиент Нехат Нухи не е криминалец туку функционер што се обидувал да менаџира во невозможни услови, притиснат од потребата да се спасат човечки животи од една страна и рестриктивниот и нефункционален систем од друга страна. Таа рече дека ќе докажат дека отсуствува умислата како неопходен елемент на кривичната одговорност и дека обвинението е правно-неиздржано поради вештачкото акумулирање на 3 кривични дела кои суштински произлегуваат од едно исто дејствие.

Адвокатката на Нухи, Бегова, истакна дека ова е „монтировка наречена обвинителен акт“. Таа зборуваше дека Обвинителството го „крунисало“ поднесувањето на актот со прес-конференција, според неа не за да ја информира јавноста, туку за да ја разгневи и придобие.
-Јавноста, а и ние како професионалци, паметиме дека сите помпезни обвиненија на ОЈО завршуваат неславно во суд. Немојте да мислите дека со прес-конференцијата сакаа да ја информираат јавноста. Целта им беше да ја придобијат јавноста и нејзиниот гнев и така да се вадат за неуспешната истрага што ја водеа 16 месеци на озборувања и подбуцнувања. Ако е добро сработено едно обвинение, и мало дете може да го докаже и добие. Ама денеска со ова обвинение, не сме тука за вистината за недостигот на лекови – туку за жртвување на двајца професионалци за да се прикријат вистинските одговорни. Нухи не треба да биде жртва на туѓа грешка и злоупотреба, рече адвокатката Бегова.
Според неа обвинителниот акт се обидува да му припише кривична одговорност на Нухи за проблеми кои се длабоко и системски врежани: тоа што процедурите за набавка на лекови и планирањето на буџетите се одвивале во комплексен, нефункционален и недоволно финансиран систем. Бегова рече дека денеска во 2025 година буџетот на Клиниката за онкологија е 5 пати поголем споредено со тоа време, па пак има недостиг на терапија.
-Дејствијата не биле за да добијат корист или да нанесат штета, туку биле изнудени од потребата да се овозможи континуитет на лекување на пациентите со малигни заболувања. Да се стави товарот на системските недостатоци и на хроничниот недостиг на средства врз еден човек е правно неиздржано, потенцираше адвокатката Бегова.
Доктор Никола Васев рече дека 35 години работи на Онкологија и целта секогаш му била да се спасуваат човечките животи. Тој рече дека Обвинителството намерно не го опфатило периодот од 2017 година кога тој станал директор – затоа што Васев како што тврдеше, тогаш наследил 1 милион и 700 илјади евра долг на Клиниката кој го елиминирал и намалил на 30 илјади евра.
-Не е ставен периодот од 2017 година зашто тогаш имам наследено реверс и долг од поранешниот директор кој е потпишан на вештачењето против мене. А економскиот вештак против мене е економската директорка што е сменета зашто јас му напишав писмо на министерот Арбен Таравари и тој ја смени. Затоа што уништувала тендерска документација. Затоа периодот од 2017 година и наследените реверси што ги затекнав не се спомнати во актот, зашто не одговара на обвинителството. Земен е само дел од периодот кога сум директор, а одземени се 6 месеци во кои може да се види точно што сум наследил од поранешниот директор, кои долгови од претходниот директор кои до крај на година се елиминирани на 30 илјади евра од долг од 1 милион и 700 илјади евра. Имав наследено и реверси кои мораше да се платат некако и со законска постапка. Затоа беше известен Управниот одбор, информрирана е комисија за проблемот што го наследив зашто тој ја води клиниката а не ние, направена е постапка за враќање на реверсите, рече доктор Васев.
Тој рече дека реверсите што биле земани за пациентите да добијат терапија – биле земани во моменти кога постапката веќе била почната, но не за да тој и Нухи се богатат, туку за да не се престане земањето на терапијата.
-Таа сума да не се припишува како „штета“ и да не се посочува дека ние сме направиле „корист на фармацевтските компании“ против кои сме се бореле и имаме доказ како сме се труделе цените на лековите да паднат и посебни донации да добиеме од нив. Таа година кога се посочува дека „ФЗОМ бил доведен во заблуда“, треба дас е објасни дека тендерот за биолошката терапија го правеше Министерството за здравство, а не Клиниката за онкологија. Се работеше за два пати по двегодишни тендери. Ние како клиника само ги плаќавме лековите. Кога во 2020 година Министерството за здравство задоцни со тендерот за имунолошката терапија 5 месеци, значеше прекин на терапијата за сите пациенти што до тој момент примаа имунолошка терапија. Тендерот се одложи 5 месеци, но на започнат тендер од Министерството за здравство, во тие пет месеци по иста цена на реверс се земани само лекови за пациенти што веќе беа на терапија – да не останат без терапија. Ако не ја дадете за 3 недели како што е потребно, настанува „ребаунд феномен“ каде се враќа примарната болест и метастази. Вештачењето на обвинителството е од лица што јас сум ги сменил од Клиниката едната доби отказ и се врати од заеднички служби од каде што и дојде. А другиот доктор кој е техничко лице и во втората постапка а и во оваа постапка, сам си даде отказ после неколку месеци. За тој КАТО систем што цело време по весници го слушав и трпев, во ревизорски извештај е наведено дека софтверот е некомпатибилен, не може да се вклучи на болничкиот интрахоспитален систем, и недостасува комора која чини 100 илјади евра и без која не смее апаратот да се пушти во употреба. Наследив систем кој е нефункционален кој не смее да се пушти во употреба без дигестор (така се вика комората која не беше набавена) и самото техничко лице на обвинителството на последниот Управен одбор што го држи го известува Управниот одбор дека тој КАТО систем не е пуштен во употреба. Од цела Македонија за вештаци се земаат лица што јас сум ги сменил, рече доктор Васев.
Адвокатката на Нухи Анита Бегова побара секој материјален доказ што ќе биде изведуван од Обвинителството во судот – да биде презентиран на прожектор. Таа инсистира дека нејзиниот клиент не бил разрешен од директорската позиција за несовесно и непрофесионално работење туку од политички причини.
-Не може за едни исти дејствија што потекнуваат од ист однос, да гоните некого за 3 кривични дела. Тоа е или едно продолжено дело, или е евентуално стек – а не да ставате три кривични дела па ако едното не успее да одите на второто, па ако тоа не успее на третото. Имаше една таква логичка вежба на училиште ја учевме со банана и со мајмун. Вештиот наод и мислење е изготвен од вешто лице од областа на финансиите кое не да има конфликт на интереси туку која всушност ја работала истата функција како Нехат Нухи до неговото доаѓање, во истиот инкриминиран период за кој се гони Нино Васев. Нашите приговори беа конструктивно дадени и во фазата на истрагата во ОЈО, ама си најдоа некој член дека ако лицето 5 години не работело на Онкологија немало проблем да вештачи. Економскиот вештак во изработување на ова економско вештачење бил консултиран и од техничкиот советник на обвинителството Милан Ристовски кој беше директор на Клиниката пред Нино Васев. Ако на вакво вештачење засновате пресуда за предмет за наводни финансиски малверзации, ако прифатите вештачење од овие вештаци, кажете да се спакуваме да не доаѓаме на главна расправа, да се спакуваме и донесете пресуда веднаш, рече адвокатката Бегова.
Таа додаде дека во наводите на обвинителниот акт има „дека со своето работење двајцата обвинети го довеле во заблуда ФЗОМ“.
-Има една одлука на Врховен суд по ревизија, дека државен орган во заблуда не се носи. Зошто? Зашто тој е должен за секакви поднесоци барања документи по службена должност да ги испитува да утврдува факти и да постапува по службена должност. Фондот за здравство имал контроли во овој инкриминирачки период и никогаш не нашол противправност како што е наведено во обвинението. На Нехат Нухи му се става на товар дека е помагач на Васев да се оштети клиниката. А од друга страна пак, тие немаат никаква корист. Тврдам зашто во текот на истрагата и во предистрагата во полициската постапка, до десетто коленосе испитани дали прибавиле пари кои не им биле од плата и воопшто ништо не е најдено. Не направиле ни корист за веледрогериите, зашто и двајцата влегоа во фронт посебно со веледрогерија „Пановски“ со цел да се намалаат набавните цени на лековите за да може клиниката да работи со таков рестриктивен буџет. Сега е 5 пати поголем буџетот од 2023 да знаеете, за да може да набават лекови за пациентите навремено и да нема прекин. Инаку прекин имаше и годинава, додаде адвокатката Бегова.
Судењето продолжува на 16 септември во 10 часот во основниот кривичен суд Скопје. За тогаш како сведоци предложени од Обвинителството се најавени фармацевтката од Клиниката Билјана Настова, медицинската сестра Славица Спасовска, Александра Крстевска и членот на надзорниот одбор на Клиниката Димитар Гетов.