
Еколошка катастрофа на велешкото езеро Младост, полно е со амонијак и други отрови
По извршените анализи на Центарот за јавно здравје Велес, препораката е дека водата во Езерото Младост не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини. Еколошката катастрофа ја потврди извештајот кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид уште лани, но локалните власти не веруваа во него и нарачаа нови анализи од приватни акредитирани лаборатории, пишува „Фокус“.
Препорачано
Сликата што доаѓа од Велешкото Езеро е поразителна – наместо природна убавина и чиста вода, површината на езерото е прекриена со дебел слој алги, отпад и органски остатоци, претворајќи го некогаш популарното излетничко место во вистинско мочуриште. Во минатото создадено за наводнување на лозовите плантажи околу него, езерото потоа прерасна во атрактивен туристички центар со хотели, викенд-населба, пешачки и велосипедски патеки. Но, по бурното ланско лето, езерото тешко дека има иднина, пишува порталот.
Водата во езерото и ова лето е со лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет. Центарот за јавно здравје од Велес, по барање на општината, минатиот месец зел мостри на површинска вода од три локации на езерото, а резултатите од извршените испитувања го констатирале загадувањето, кое и лани беше присутно во езерската вода.
Но, за разлика од лани, кога Центарот за јавно здравје заклучи дека водата може да се користи за капење и рекреација, и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри, годинава е констатирано дека не смее да се користи водата буквално за ништо.
Оваа јавна здравствена институција по однос на микробиолошките индикатори ја категоризира водата во велешкото езеро за добра, додека по однос на физичко-хемиските параметри оценува дека таа одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та класа по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на езерото Младост, Центарот за јавно здравје Велес констатира постоење „видлива пролиферација на алги и појава на пена и големо количество биомаса-густи, пивтиести, сунѓерести наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата.
Невладините организации и дел од советниците лани организираа акција за чистење на езерото и успеаја да извлечат над 120 тони од штетната материја, но проблемот не се реши затоа што езерото е во клиничка смрт.
Првите 60 тони ги собраа граѓанските волонтери на иницијатива на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“, а останатите 60 тони ги извлекоа две цистерни на биогасната електрана во Сарамзалино. Волонтерите од ЕД „Вила Зора“, ОО на Црвен крст Велес, кајакарски клуб „Бабуна“, „Клуб 28“ и ЗГ „Акцијаши ветерани“ велат дека материјата мириса на измет кога ќе се промеша.
Се проценува дека има уште над 300 тони материја, која треба да биде собрана во следниот период.
Од Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес неодамна предупредија дека годинава нема услови за порибување со предвидените 300 тони крап, бидејќи водата е загадена со фекалии и без присуство на кислород – состојба што ќе резултира со масовно угинување на рибата.