Фото: МИА

Екологистите од Неготино со шведска поддршка се впуштаат во борба против штетно растение

Екологисти од Неготино започнаа активности против отровно растение што ги загрозува екосистемот и земјоделството, информираа попладнево од Здружението за заштита на животната средина „Ековита“.

„Денеска го презентиравме нашиот проект пред претставници од амбасадата на Шведска, како основен донатор на програмата. Станува збор за екомисија, мапирање и контрола на ширењето на инвазивното растение Solanum angustifolia. Ова растение што веќе го има во Тиквешијата, претставува сериозна опасност за екосистемот и земјоделството, ги загрозува тревопасните животни и земјоделските ресурси“, рече Кристина Тодорова, долгогодишен еко-активист и член на регионалниот еколошки центар, координатор на проектот.

Таа вели дека е многу важно навреме да се реагира и да се спречи ширењето на овој вид плевел.

„Брзо се шири поради климатските промени, што создаваат идеални услови за негово растење. Тоа е отровно за добитокот и претставува директна закана за сточарите и нивната егзистенција. Ако не се спречи неговото ширење, може да доведе до трајни еколошки и економски штети“, рече Тодорова.

Таа појасни дека нивната мисија има за цел да го мапира ширењето на растението во регионот, да спроведе активности за ефикасно отстранување на растението, информирање на локалната заедница, сточарите и земјоделците за ризиците што ги носи ова растение.

Тодорова додаде дека активноста се реализира преку регрант на здружението „Еко-свест“, финансиски подржан од Амбасадата на Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот