Екологисти: НЕ за промоција на Македонија како рударска земја

Педесетина граѓански организации и институции од секторот животна средина бараат средба со надлежните институции и гаранции за еколошките параметри во предлог – стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување. Барањето беше поднесено до Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и до премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, пренесува МКД.мк.

На пресот беа присутни: Лилјана Поповска од Зелен институт, Костадин Ристоманов од Еко долина – Ново Село, Ѓорги Танушев од Здрава котлина – Струмица, Дејан Андонов од ИКС Институт за комуникациски студии, Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба и претставник од Гоу грин.

Екологистите тргнуваат од нивната мисија да ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето и бараат внимателно и одржливо трошење на минералните суровини.

Анализирајќи ја нацрт-стратегијата, екологистите утврдија дека текстот е во колизија со ред закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи во областа на земјоделството, туризмот и животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени. Екологистите бараат стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела.

Екологистите бараат усогласување со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои со децении се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.

„Мора да има континуитет и во стратешките документи за индустриската политика усогласени со политиките на ЕУ, т.е. развој на применети истражувања и производство на одржливи, органски и специјализирани високо технолошки производи и услуги. Развој на одржливи и автентични индустрии како: органско вино и храна, еко-челик, еколошко градежништво, креативни индустрии, информатички и комуникациски технологии, медицинска опрема и услуги, автентичен туризам и други индустрии“, бараат екологистите.

Екологистите велат НЕ за „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција. Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино. Со оглед на големината на земјата, рељефот и хидролошката мрежа, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава.

Екологистите се против рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица). Тие се против рудници на 5 км од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание.

Апелираат на затворање на ископите на јаглен, и конечно усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови.

Екологистите бараат да се отвори широка дискусија во општеството за овој важен стратешки документ за Македонија, за да биде донесен низ транспарентна процедура и со вклученост на сите засегнати страни, преку вклучување на сите релевантни забелешки и сугестии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот